Ноќна операција на израелската армија, пронајдени шест тела на заложници, oбјавени имиња и слики
Војската на Израел (ИДФ) соопшти дека пронашла тела на шест заложници во операција во текот на ноќта во Газа. ИДФ и Агенција за безбедност на Израел (ИСА) објавија дека се пронајдени телата на Јорам Мецгер, Александар Данциг, Аврахам Мундер, Хаим Пери, Надав Поплвел и Јагев Бухштаб.
Армијата веќе објави дека сите освен Мундер починале во изминатите месеци, јавува Си-ен-ен.
Нивните тела се пронајдени во градот Kан Јунис, на југот на крајбрежната територија, соопшти армијата. Семејствата на шестмината мажи се известени, се вели во соопштението.
Хамас сè уште држи повеќе од 100 заложници, но се верува дека многумина се мртви
Според пишувањата на медиумите, петмината мажи биле на возраст меѓу 35 и 80 години. Сите биле живи кога биле киднапирани. Според израелските податоци, палестинската милитантна организација Хамас сè уште држи 109 заложници, од кои многумина веројатно веќе не се живи.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен моментално се обидува да постигне договор за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците. Израел го прифати предлогот поддржан од САД за премостување на разликите меѓу Израел и Хамас, изјави Блинкен во понеделникот.
Хамас, сепак, се уште не се согласил на ова. Хамас и другите палестински милитанти киднапираа вкупно 253 лица од Израел и ги одведоа во Газа на 7 октомври.
Некои од нив беа ослободени во размена на затвореници, а неколку заложници беа спасени од израелската армија – иако по висока цена за палестинското цивилно население за време на овие воени операции, за кои Израел се соочи со меѓународна критика.

