|

Нова паника: крадец претставен како киднапер на деца во музичкото училиште, објавувачот утврди дека згреши, па се извини

Крадец претставен како киднапер предизвика паника во музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“. Фотографија од маж  залепена на влезот од училиштето со апел, ако некој го види, веднаш да го пријави во полиција и кај службите во училиштето, на социјалните мрежи беше пренесена како фотографија од киднапер кој ги демне помалите деца. Директорката на училиштето, Даница Стојанова, за „Макфакс“ вели дека станува збор за крадец кого сакале полесно да го фатат со помош на зелепената фотографија.

„Ова е човекот чија фотографија ја залепивме по насоки од полицијата бидејќи имаше неколку кражби во училиштето кај учениците и го најдовме дека е тој. По насоки на полицијата, ни рекоа да залепиме за да се види ако влезе – меѓутоа не може да влезе бидејќи ставивме дежурства“, вели директорката за „Макфакс“, па додава: „Не е киднапер“.

Таа вели дека откога го пријавила крадецот, денеска тоа го сторила и со објавувачот дека се работи за киднапер на деца.

„Тој што го објавил ова сега ние го пријавуваме во полиција. Бидејќи мора да престанат, не може самоиницијативно, без аргументи да објавуваат. Срамота е ова, на ништо не личи“, додава Стојанова.

„Макфакс“ стапи во контакт и со објавувачот. Тој се извини за дезинформацијата и ја избриша објавата. Посочи дека не сакал да направи паника, туку да ги предупреди родителите за опасноста.

„Ова е залепено во самото училиште ‘Луј’. Јас сум родител на дете од друго училиште, а фотографијата е споделена од родител чија внука учи таму. Претпоставувам дека е известена и полицијата. Само се обидувам да го кренам нивото на внимателност кај родителите за да ги советуваат своите деца“, вели за „Макфакс“ лицето што ја објави, па избриша објавата.

По ова, тој во нова објави ѝ се извини и на јавноста.

„Кој брза, тој и греши. Човекот што го споделив, всушност, бил крадец, а не како што претходно објавив – киднапер. Ми се јавија од училиштето и ме информираа за ова. Им се извинувам на сите на кои им создадов непријатно чувство и чувство на паника. Информацијата што јас ја добив требаше двојно да ја проверам со училиштето, а не да реагирам на прва топка. Мојата намера не беше да создадам паника, туку да го кренам вниманието кај родителите како би разговарале со своите деца. И оваа објава е јавна, па ќе ги замолам сите што ја споделија претходната, да ја споделат и оваа“, пишува Марко Дамевски.

Слични Објави