| |

Новата Србиja не го сака Вучиќ

Пишува: Ели Јурукова/БГНЕС

Европа сигурно не познава толку хистерична и неконтролирана желба на еден претседател да ја задржи својата власт и своите привилегии. Александар Вучиќ прави сè можно и невозможно за да го згасне и сопре студентското и граѓанското незадоволство, а денешниот протест на Видовден во Белград ќе биде неговиот најголем испит – да го опипа пулсот на протестантите, да ја сфати трагичната вистина дека тој никогаш не бил татко на нацијата, дека неговата власт е трн во окото на целиот демократски свет, дека игрите и манипулациите не можат да траат вечно и дека сигурно нема да остане во српската историја како политичар кој направил најмногу за Србија.

Веќе 13 години, откако е на власт, Србите ги слушаат неговите тиради за просперитетот на државата, која со секој изминат ден се претвора во балканска и европска оаза на опасен самоволие, антидемократија, прикриени и отворени репресии, беззаконие и газење на човековите права и закони. Затоа, во неговите чекори да ги покори и казни сите кои не мислат како него и кои го разнишуваат неговиот трон и неговото недопирливо – до само пред седум месеци, пред студентските протести – владеење со Србија, му пригласуваат сите разузнавачки служби, полицијата и провладините медиуми. Тие оркестрирано блујат навреди, инсинуации за некакви преврати, државни удари и атентати, сценарија за терористички акции на непокорните предавници против власта, окупирање на институциите. Вучиќ си игра со законите, изборите, уставот. Со огнот.

Зошто секогаш зборуваме и го обвинуваме за сè Вучиќ? Сигурно тоа не е случајно, затоа што ништо во Србија не се случува без него, иако како претседател има одредени и ограничени овластувања. Но тој толку се има вживеано во улогата на единствениот господар на Србија, што овде ништо не може да се случи без Вучиќ. Сите останати се негови пиони и сателити кои деноноќно се борат за неговата милост и симпатии и стравуваат дека, ако му станат непријатни, можат да се простат од своите функции и привилегии. Затоа зад Вучиќ оди свита покорни луѓе кои го боготворат, го впиваат секој негов збор, се преправаат дека не ги забележуваат веќе прочуените лажни ветувања за претворање на Србија во економски, а можеби и политички тигар, создаден во фантазиите на претседателот. Во моментов режимот на Вучиќ личи на стара, избледена мачка што сè уште мудрува, но е свесна дека крајот е близу – можеби не денес, но ќе дојде многу, многу брзо.

Работата што најмногу ме чуди е фактот дека Вучиќ успеа да го надмине по многу показатели дури и својот учител Слободан Милошевиќ со своите репресии, прислушувања, полициски притисоци, игри на лажна демократија и лажен патриотизам, манипулации меѓу Истокот и Западот, неверојатната распродажба на српските национални интереси. Независниот весник „Данас“ ги потсетува неговите зборови на Главниот совет на Српската напредна партија, кога Вучиќ им кажува на своите партиски полтрони – кои сте вие без мене? Никој и ништо…

Зошто денес зборувам за Вучиќ, а не за студентскиот и граѓанскиот протест, кој сигурно ќе покаже дека ентузијазмот и желбата за мирни демократски промени е жива и дека за Србија сигурно има нова шанса? Иако Вучиќ – еве, пак Вучиќ – направи сè можно да ги сопре возовите низ цела Србија со објаснување дека наводно е поставена бомба во некој од нив. Автобусите не сообраќаат, за да не можат протестантите да стигнат во Белград. Пред парламентот се запалени скари за ќебапи и плескавици, кои ќе бидат поделени на партиските приврзаници на претседателот кога ќе се соберат на литературно читање денес. Фантастична културна идеја наспроти фактот дека вчера од Србија, незнајно зошто, беше екстрадиран еден црногорски режисер до границата со полиција и една година ќе може да ја гледа Србија само на слика.

Вучиќ пак изјави дека не прифаќа ултиматуми и доделува ордени на заслужни Срби, меѓу кои има и новинари. Граѓанска Србија, сепак, е организирана и патува кон Белград. Сака да протестира мирно, надевајќи се дека нема да се појави нов звучен „топ“. Или некое друго сценарио. Полицијата е на секој чекор, како да се очекува револуција, државен удар или насилство.

Никој не знае што може да се случи во Белград. Јасно е дека Вучиќ не може веднаш да падне од власт, дека не сака избори, дека патот кон српската демократизација ќе биде долг. И непознат.

Но Нова Србија е родена. Вучиќ, порано или подоцна, ќе мора да се помири со тоа.

Слични Објави