НОВИ СОЗНАНИЈА ЗА СТАРИ РАБОТИ…
Пишува: Владимир Перев
Деновиве во бугарскиот медиски простор, поточно на порталот Faktor.bg се појавија две статии од авторката Виолета К. Радева, доктор по историски и филолошки науки, во кои се објаснуваат неколку моменти од современата историја на Бугарија, а се однесуваат на предвоениот и воениот период и настаните поврзани со нив. Интересно е што настаните поврзани со нив, на определен начин се однесуваат и на Македонија во тој период, рефлектирајќи се на актуелните македонско-бугарски односи.
Прво, тука е статијата за “Судбинската дата 1 март и договорот со Третиот Рајх како прелудиум во националната катастрофа“. Детално сме запознати со подготовките за пристапувањето на Бугарија кон Третиот Рајх, но за прв пат македонскиот читател ќе се сретне со фактот дека на таа дата, на Први март 1940 година, СССР и Германија се сојузници по основа на Договорот Рибентроп – Молотов, кој им ја дава возможноста без никакви проблеми да ја разчеречат, да си ја поделат Полска за потоа сосема мирно советите да ги извршат злосторствата во Катинската гора. Советите и германците се сојузници, за веднаш по 22 јуни и нападот на Германија на СССР, немоќната советска авијација, неспособна да се одбрани од напредокот на германската армија, бескрупулозно ги бомбардира бугарските крајбрежни градови и местата во Северна Бугарија, нанесувајќи притоа не само матерјални штети, туку и значителен број на невини, цивилни жртви. За прв пат тука отворено се среќаваме со “братската помош и братската милост“ на руските браќа кон бугарите. Де факто, тие невини жртви се само прелудиум кон советската окупација на Бугарија во 1944 година, окупација каде што бројката на човечки жртви не е позната до денешен ден. Конечно, сето тоа е инспирирано и од едно, кај нас непознато стихорворение на Владимир Мајаковски…не треба човек многу да знае руски за да разбере што предлага советскиот поет на “другарите фашисти“…
Товарищи фашисты, милости просим.
Вместе власть буржуев сбросим.
Фашисты и большевики – пролетарии-братья.
Крепите над миром красные объятья.
Пролетарии, стройтесь в единую линию
Сегодня командуют Троцкий и Муссолини.
Красное знамя борьбы пролетариев.
Сегодня развернуто от России до Италии.
в. „Известия”, 31 ноември 1922 г.
Втората статија е посветена на проблемите околу одржувањето на традиционалниот Луков марш, собитие кое е познато на јавноста во Македонија како воскреснување на некаков “неонацизам“ во Бугарија. Статијата на Виолета Радева детално ја објаснува личноста на генералот Христо Луков, херој од војните за ослободување, како и неговото подло убиство од страна на комунисти-терористи, убиство извршено пред неговиот дом во присуство на малолетно дете. Сега се појавува и терминот “леви нацисти“ т.е. комунисти кои го оправдуваат и поттикнуваат теророт како средство за освојување на власта. Притоа, најинтересно е размислувањето за евидентниот факт што во комунистичката литература и новинарски написи, секаде се говори за нацизам, а никаде не се споменува оригиналното име, односно националСОЦИЈАЛИЗАМ…тоа име е и генеричката врска меѓу режимите во СССР и Третиот рајх, основата на теророт кон малите народи и гувењето на сите права на поединесцот во тие системи.
Со надеж дека статиите на Виолета К. Радева ќе предизвикаат соодветен интерес, ви се предлагаат, во оригиналната форма, на бугарски јазик на поставените два линка на порталот “Faktor.bg“. Тие што сакаат и имаат желба, лесно ќе научат и разберат. Ние македонците сме паметен и образован народ. Ако го научивме српскиот јазик со сите оние силни падежни и глаголски форми, лесно ќе се справиме со јазик, за кој нашите соседи тврдат дека бил ист како нашиот…