Нуклеарните блокови 5 и 6 на АЕЦ „Козлодуј“ ќе работат уште најмалку две децении
Нуклеарните блокови 5 и 6 во АЕЦ „Козлодуј“ ќе можат да продолжат со работа уште 22, односно 26 години, доколку се исполнат одредени технички и безбедносни критериуми, покажуваат податоците на Агенцијата за нуклеарна регулација на Бугарија. Според последниот извештај за проценка на преостанатиот ресурс, двата блока ќе можат успешно да обезбедуваат електрична енергија повеќе од две децении, јавува БНТ.
Претседателот на Агенцијата за нуклеарна регулација, Цанко Бачијски, изјави дека петтиот блок има докажан ресурс до 2047 година, а шестиот до 2051 година, при услов да се исполнат сите пропишани барања. Централата спроведува план за модернизација на системите и опремата, со цел да го гарантира безбедното продолжување на работата.
Паралелно со тоа, во тек е подготовка за изградба на новите 7-ми и 8-ми блок, но сè уште нема доволен број квалификуван кадар за нив. Подружницата „АЕЦ Козлодуј Нови моќности“ очекува до крајот на месецот да добие дозвола за избор на локација за осмиот блок, кој ќе биде изграден до седмиот блок, чија локација веќе е одобрена. Сепак, компанијата сè уште не поднела барање за дозвола за проектирање, што е следниот чекор во процесот на лиценцирање.
Бачијски нагласи дека иако започнало решавањето на проблемот со недостиг на стручни кадри, тој и понатаму претставува предизвик.
