НУРЕДИНИ: ВЛАДАТА ДОНЕСЕ ОДЛУКИ ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ШАР ПЛАНИНА ЗА НАЦИОНАЛЕН ПАРК И ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ОСОГОВСКИТЕ ПЛАНИНИ ЗА ЗАШТИТЕНО ПОДРАЧЈЕ

/

Ми претставува огромно задоволство да ја информирам јавноста дека на вчерашната седница на Владата на Република Македонија беа усвоени иницијативите на Министерството за животна средина и просторно планирање за заштита на две подрачја во нашата држава: Шар Планина и Осоговските планини, пренесува Канал 5.

Владата донесе одлуки за прифатливост на предлозите за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата Национален парк и прогласување на Осоговските планини за заштитено подрачје во категоријата V – Заштитен предел.

Статусот на заштита беше утврден од страна на експертски тим кој спроведе студија за валоризација на подрачјата и со кои беше утврдено дека содржат високо ниво на биолошки и културни вредности за чие зачувување треба да бидат преземени мерки.

Со прогласувањето на овие подрачја покрај тоа што ќе ги исполниме националните стратешки цели и меѓународните обврски за заштита на природата, односно пределската разновидност и биодиверзитетот, исто така ќе има бенефит државата, а посебно општините кои ќе опфаќаат делови од заштитеното подрачје и локалното население.



Со финализирањето на овој процес ќе се зголемат можностите за преку гранична соработка со соседните земји, посебно од аспект на фактот дека Шар Планина ќе стане еден од најголемите национални паркови во Европа. Истовремено, заштитата на овие подрачја значи и напредок во исполнувањето на обврските од ЕУ директивите за живеалишта и птици.

Важно е да се напомене дека соодветното управување со заштитените подрачја значи искористување на огромниот потенцијал за развој на локалната економија, односно одржливо управување со природните ресурси, преку обезбедување еко-системски услуги. Тоа подразбира заштита, зачувување и одржливо користење на природните вредности, заживување на селата во и околу заштитеното подрачје преку развој на екотуризмот, традиционалното земјоделие и овчарството.

Претходна статија

ПЕНТАГОН: КОВИД-19 НЕ Е СОЗДАДЕН ВО ЛАБОРАТОРИЈА

Следна статија

ШВАЈЦАРСКИТЕ ИСТРАЖУВАЧИ РАЗВИВААТ „ПАСОШИ ЗА ИМУНИТЕТ“

Најново од Вести