Обединетите Нации: Над 10.000 цивили се убиени во Украина
Повеќе од 10.000 цивили се убиени во Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, а околу половина од недамнешните смртни случаи биле далеку зад првите линии на фронтот, објави Канцеларијата за човекови права на Обединетите Нации (ОН).
„Десет илјади цивилни жртви е тажна бројка за Украина“, изјави шефицата на набљудувачката мисија на ОН во таа земја, Даниел Бел. Според неа, се очекува дека вистинскиот број на убиени цивили е значително поголем.
Повеќето од смртните случаи биле предизвикани од експлозивни направи и оружје, како што се гранати, проектили и касетни бомби, тврдат ОН.
Речиси половина од загинатите во последните три месеци ги загубија животите далеку зад линијата на фронтот, а ОН тоа го припишуваат на употребата на ракети со долг дострел од страна на руската армија.
ОН укажуваат и на фактот дека постарите луѓе сочинуваат непропорционален број на убиени, најверојатно затоа што не можат или не сакаат да ги напуштат своите домови и да одат на побезбедни места.
Повеќе од една третина од жртвите се луѓе постари од 60 години, иако оваа возрасна група сочинува само една четвртина од населението.