| |

Обичниот граничар Стефан Иванов- херојот на Странџа и на Бугарија

Димо Рајков

Мојот Човек на годината – главниот боцман Стефан Иванов, загинат во поплавите…
Пензионер, кој тргнал да ги спасува младите со огромните хотели и луксузни коли…

Утрово занемев.
Во деновите наназад нешто ме тераше да се замислам. И ете – штотуку дознав – загинатиот при извршување на службените должности за време на големите поплави пред неколку дена, боцман Стефан Иванов, е мојот читател Стефан Иванов од селото Извор, во околината на Бургас…

Така ми се претстави пред години…
„Писателе, и јас како тебе сум странџанец, ги читам на Фејсбук твоите раскази за нашата Странџа и ми ја полнат душата.
Земјак, јас живеам во Извор, по Маринка, во правец кон М’нинку Т’рнуу!“

Да, не можам да поверувам…
Во денот на трагедијата јас пишував за него, а дури сега разбирам кој всушност е тој…
Па тоа е Стефан, земјакот, мојот читател со кого разменував пораки на Фејсбук! И кој ги сакаше моите книги!

Да, Стефан ги бараше моите книги. Мине ли малку време, ми праќаше порака:
„Земјак, не сум те заборавил, те читам, прати книги, сакам да те читам…
Умирам за книги за Странџаааа, како „Избрани раскази“ и „Ние сме Странџа“, за неа, за Странџа, и ако имаш нешто пишано за Текенџа?“

Понекогаш го мешав со мој друг читател и пријател, писателот Стефан Иванов; тој не се лутеше, напротив, се радуваше…
„Ха, значи има писател со моето име! Чест ми е! А јас сум обичен граничар, ја чувам Бугарија! Поздрав до адашот!“

Во една од последните пораки ми напиша:
„Ако прашуваш за нас – добри сме.
Да ти се пофалам, ни се роди трето внуче…“

Главен боцман Стефан Иванов…
Прочитајте ги само овие зборови од негов колега на денот на смртта:

„Тие секогаш одат таму, од каде што сите бегаат!!!!!
А него си го зеде морето!!!
Главниот наш боцман – Стефан Иванов!
Бате Стефан загина денес, додека со уште двајца колеги го пребаруваа морскиот брег со јуришниот чамец во потрага по загрозени луѓе!
Тој влеваше респект кај секого! Вистински маж, вистински морски волк, вистински граничар!
Еден од најискусните, еден од најдостојните! Тој што ги учеше младите колеги, што внесуваше респект, спокојство и рутина!
Ќе остане засекогаш на 57 и засекогаш еден од нас! Сигурен сум дека, ако можеше да избере, би го избрал морето!
Денес сме скршени, а сепак свесни дека таква е службата што сме ја избрале!
Сочувство до семејството, до блиските, до екипажот на граничниот брод „Балчик“ и до сите пријатели и колеги!
Сплотени сме и во тагата!
Сега не е време за излишни зборови! Моментот е тежок, но колегите остануваат на својот пост во служба на народот!“

Што повеќе може човек да додаде на тие зборови од срцето на колегите на Стефан…

Ех, Стефане, ех, морски волку, ех, земјаче…
А токму ти ја подготвував за испраќање мојата најнова „рожба“ за Олимпијадата во Париз, МОЕТО ЛУДО ОЛИМПИСКО ЛЕТО, во која раскажувам и за славните борци од Странџа – како мојот тренер од Малко Трново Петко Пеливанина, мојот сограѓанин, пријател и соученик Љубомир Ламбов, како и големите шампиони Продан Гарджев, Руси Петров, како и моите соученици од Минното во Бургас Дончо Жеков, таткото на сегашниот министер за енергетика Жечо Станков, Иван Гинов…

Главен боцман Стефан Иванов – херојот на Странџа! Херојот на Бугарија!
Поклон!

Да, „Какви деца раѓала, раѓала и денес бугарската јуначка мајка…“
Но зошто секогаш е така во нашата мила земја – големите срца одлетуваат, „пукајќи“ од поривот за саможртва, а остануваат…
Да, сите знаеме кои остануваат…



Слични Објави