ОБРАЗОВНА СТРАТЕГИЈА-БЕЗ СТРАТЕГИЈА ЗА ДВЕ УЧИЛИШТА ВО ВЕЛЕС
Каква е стратегијата на Општина Велес во однос на образованието? Утре се очекува Советот на Општината да донесе одлука за припојување на две основни училишта ОУ „Благој Кирков“ и ООУ „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ во едно ново училиште ОУ „Панко Брашнаров“. Како основна причина за овој потег се посочува малиот број на ученици кои се запишуваат во овие две училишта. Во Велес и велешките училишта во изминатите неколку учебни години се формираат и паралелки со помал број ученици, а така ќе биде и за претстојната учебна година. Овој проблем се влече со години.
Се поставува прашањето: Зошто ова припојување се случува сега на неколку дена пред почетокот на учебната година? Важно е да се знае што ќе се случува со учениците кои веќе се запишани во овие две училишта. Градоначалникот Коцевски ветува дека ниту еден наставник нема да ја изгуби својата работа. На социјалните медиуми веќе се појавија и реакции од страна на родителите на деца кои се запишани во училиштата кои ќе станат дел од новото училиште ОУ „Панко Брашнаров“. Ние се сврзавме со директорката на ОУ „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ г-ѓа Мимоза Давчева. Таа за нашиот портал изјави, дека заедно со целиот целиот наставен кадар на училиштето останале запрепастени од информацијата дека двете училишта ќе бидат фузирани во нов правен субјект, на неколку дена пред почетокот на новата учебна година. Г-ѓа Давчева не информира дека на состаноците што ги имала со градоначалникот Коцевски, тој ветувал дека нема да дојде до отпуштање на вработени и покрај фактот што како главна причина за фузијата на двете училишта ја навел заштедата на средства. Директорката на ОУ „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ не информира и за едногласната одлука на Советот на родители кон училиштето, да не ги подржат најавените промени. Г-ѓа Давчева додаде дека целиот наставен кадар со само еден воздржан глас се изјаснил против спојувањето.
Се сврзавме и со г-ѓа Елена Тевчева советник за образование во Општина Велес, таа не информираше дека не е овластена да дава било какви изјави за медиумите и не упати да оствариме контакт со градоначалникот Коцевски.
Во прилог ви го пренесуваме и официјалното соопштение на Советот на родители кон ООУ „Јордан Хаџи Константинов Џинот“
„На три дена пред почетокот на учебната година родителите од ООУ „Јордан Хаџи Констатинов-Џинот“ од Велес не знаат кога за нивните деца ќе почне учебната година и во кое училиште ќе учат. Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски набрзина без пртходна детална анализа, без да го чуе мислењето на родителите сака го згасне ООУ „Јордан Хаџи Констатинов-Џинот“ од Велес. Родителите и учениците 3 дена пред почетокот на учебната годината не знаат во која смена ќе учат нините деца, не знаат кој ќе им биде класен раководител или наставник. На состанок со директорот и наставниците во училиштето градоначалникот кажал дека, нема да дозволи отпишување на ученици од училиштето и запишување во друго училиште, учениците од 6-то до 9-то одделение ќе учат само во прва смена, а учениците од 1-во до 5-то одделение ќе учат само во втора смена заради заштеда. Се прашуваме која заштеда затоа што и ученицие од помалите одделенија имаат по 6 часа четири дена во неделата. Ваквите планови на градоначалникот наидоа на револт и неодобрување од страна на родителите на одржаната седница на Советот на родители. Родителите се прашуваат дали градоначалникот е тој кој што определува во кој смена ќе учат учениците во училиштата. Од друга страна со учење само во втора смена учениците нема да можат да посетуваат воннаставни активниости, курсеви по јазици и спорт. Зар по неотварањето на базенот оваа година кога на децата им беше оневозможено спортски активности на градскиот базен сега треба и да им се оневозможат и спортски активности и учење на странски јазици и други вонаставни активности. Дали градоначалникот има во предвид дека родителите се вработени, работат во смени и нема да можат воопшто да се видат со своите деца при таквото негово планирање на работа на училиштето. Се прашуваме, кога во Законот за основното образование е предвидено постоење на Совет на родители зошто градоначалникот не побара средба со родителите па да го слушне и нивното мислење. Од што се плаши градоначалникот? Од страна на претседателот на советот на родители, претседателот на училишниот одбор и директорот уште во месец март 2018 година беше доставено писмено барање за средба со него но до денес не е одговорено на тоа барање. Потоа преку секретарката беа закажувани средби, но градоначалникот не одговори на ниту едно барање за средба. Така ли треба да се однесува еден градоначалник, со игнорирање на граѓаните, родители на ученици? Проблемите не се решаваат со бегање од реалноста , игнорирање и несоработка со родителите! Градоначалникот во претходниот мандат во еден објект ги спои училиштата ООУ „Јордан Хаџи Констатинов-Џинот“ и ООУ „Благој Кирков“ и тоа во зграда изградена во 1915 година и сега повторно се навраќа на по наше мислење доунуштување на училиштето. Наместо да се изгради нова и современа зграда за учениците од левата страна на градот, градоначалникот го уништува и тоа што го има, нема подобрување на условите за изведување на настава затао што училниците се мали, а тој планирал по 30 ученици во одделение, училиштето е до пазарот и во пазарните денови од вревата тешко се изведува наставата. Но сето ова за него е неважно изгледа најбитно е да си ги оствари своите нереални планови и да се доуништи училиштето, а со тоа и левата страна на градот. Го прашуваме дали неговата лична нетрпеливост кон директорот, од кој родителите се презадоволни, затоа што имаат одлична соработка и заеднички резултати кои се гледаат во постигнување на успеси на учениците, а со тоа и на училиштето, е толку голема што неможејќи со испраќање на инспекции секојдневно да го смени сега тоа прави со згаснување на училиштето. Во сето ова треба да му помогне и Советот на општината кој треба да донесе одлука. Ги повикуваме советниците пред да донесат одлука да размислат, дали треба да се уништува училиште кое што веќе постои, дали со тоа не се уништува и дел од градот, кој е веќе запоставен. Го повикуваме Министерот за образование да превземе мерки за одложување и на несоодветната одлука на Градоначалникот, бидејки е во спротивност со интересите на учениците, родителите и наставниците“, се вели во соопштението на Советот на родители.
.

