Обвининение за тројца гинеколози кои на родилката во Струга и’ отстранија здрави органи

/

Обвинител од струшкото Обвинителство поднесе Обвинение против три лица за „тешки дела против здравјето на луѓето“.

Oд Обвинителството велат дека првообвинетиот како лекар – специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот како лекар – специјализант по гинекологија и акушерство и третообвинетата како лекар – гинеколог акушер, вработени во Јавната здравствена установа – Медицински центар – Струга, при укажување лекарска помош примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување врз пациентка – родилка од Дебар, со што предизвикале влошување на нејзината здравствена состојба.

„Родилката била примена на 27.08.2020 година заради породување на гинеколошкото одделение, бидејќи била во 40-тата недела од бременоста. Ја примил првообвинетиот кој ја водел како пациент во текот на целата бременост и донел одлука породувањето да биде извршено со царски рез. При операцијата му асистирал второобвинетиот, но при изведувањето на царскиот рез тие ја оштетиле левата бубрежна артерија.

Како резултат на ова оштетување дошло до влошување на здравствената состојба на пациентката, која била нестабилна, но и покрај тоа обвинетите не презеле никакви мерки за утврдување на причините за влошување на нејзината состојба. Со терапијата која и ја дале дополнително ја влошиле состојбата на пациентката и задоцниле со реакцијата, поради што кај неа настанала огромна загуба на крв и западнала во состојба на шок.

Во такви услови, првообвинетиот со асистенција на третообвинетата се решиле да извршат нов оперативен зафат за да го спречат крварењето, да и ја отстранат матката и левиот јајник иако на овие органи немало никакви промени или повреди. Откако и по затворањето на пациентката крварењето не престанало, тие се решиле за уште еден оперативен зафат при што хирурзите откриле дека крварењето доаѓа од оштетувањето на бубрежната артерија предизвикано при царскиот рез. Заради неможноста да се реконструира бубрежната артерија, таа морала да се подврзе и да се отстрани левиот бубрег со цел да се спаси животот на оштетената.



Кога тоа било направено и крварењето било запрено, пациентката била препратена на лекување на Државната клиника „Мајка Тереза“ во Скопје“, велат од Обвинителството.



Претходна статија

Бајден најави нова пратка оружје во Украина, во вредност од 150 милиони долари

Следна статија

Зеленски ги објави условите за мировен договор со Русија

Најново од Вести