Обвинителство отвори истрага за организирана група осомничена за масовна нелегална сеча на шуми
Основното јавно обвинителство отвори истрага против 15 лица осомничени за организирана нелегална сеча на шуми во Малешевијата. Осомничените се товарат за „Злосторничко здружување“ и „Пустошење на шуми“, шестмина и за „Злоупотреба на службена положба и овластување“, а првосомничениот и за „Давање поткуп“. Едно лице се сомничи и за „Примање поткуп“.
Според обвинителството, групата во 2025 година организирала криминални активности кои довеле до опустошување на 6.000 хектари шума и нелегална сеча на 1,5 милион кубни метри дрвна маса, вредна над 6,4 милијарди денари. Дрвото било транспортирано и продавано како легално.
Во мрежата биле вклучени вработени во МВР, ЈП „Национални шуми“ – Малешево, Министерството за земјоделство, како и полициски службеници кои ги известувале организаторите за патроли. Осомничениот директор на подружницата на „Национални шуми“ ја одобрувал нелегалната сеча, а началникот на ОВР Делчево ги прикривал сторителите.
Првосомничениот, во август и септември 2025 година, му дал 6.100 евра на директорот на „Национални шуми“ за да дозволи нелегална сеча. При последната акција за прикривање на траги, тој бил фатен на лице место.
Обвинителството до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување притвор за сите осомничени.

