ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЈА ЗАТВОРИ ИСТРАГАТА ЗА „ДРИСЛА“, ПЕЧКАТА ЗА СОГОРУВАЊЕ НА МЕДИЦИНСКИ ОТПАД НЕ ЗАГАДУВА

Скопското обвинителство ја затвори истрагата за депонијата „Дрисла“ која ја отвори по допрен глас за незаконито согорување медицински отпад и донесе резолуција дека нема место за јавнообвинителска интервенција во предметот. Било утврдено дека во 2018 и 2019 година дефектот на печката за согорување на медицински отпад бил отстранет и дека извршеното тестирање покажало дека емисијата на загадувачки супстанции во воздухот не ги надминува граничните вредности. За разлика од минатата година, во 2017 година при вонреден инспекциски надзор од Државниот инспекторат за животна средина било констатирано дека просечните концентрации на емитуваните штетни гасови и прашина од работењето на инсинераторот на печката ги надминуваат граничните вредности.

„Врз основа на прибраните обемни податоци и релевантни докази, а особено од извршените тестирања и анализи, не произлезе дека од депонијата ‘Дрисла’, спротивно на прописите за заштита на животната средина, биле испуштани отровни или издувни гасови во поголемо количество со кои би се предизвикало значително оштетување на квалитетот на воздухот и опасност за животот и здравјето на луѓето, како и уништување на животинскиот и растителниот свет. Со оглед на тоа, надлежниот јавен обвинител заклучи дека не постојат докази кои упатуваат на сомнение дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност и донесе одлука дека нема место за јавнообвинителско постапување во предметот“, соопштија од Обвинителството.

Анализата на прибраните извештаи покажала дека при вонреден инспекциски надзор од Државниот инспекторат за животна средина на 01.12.2017 година било констатирано дека просечните концентрации на емитуваните CO, SO2 и прашина од работењето на инсинераторот на печката за спалување медицински отпад ги надминуваат граничните вредности. По ова, Инспекторатот донел решение со кое го ограничил работењето на инсинераторот на најмногу 8 часа во текот на еден работен ден и целосно го забранил работењето во деновите кога се надминати праговите за алармирање на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух во Скопје.

Правниот субјект бил задолжен да плати и глоба во износ од 8.500 евра. Во истовреме, депонијата била задолжена во рок од 90 дена да ги доведе емисиите на загадувачки супстанции во воздухот во дозволените граници.

По овој настан, во текот на 2018 година, депонијата извршила набавка и инсталција на нови филтри и направила измени на инсинераторот за медицински отпад, а при извршените контроли од инспекторатот било констатирано дека емисијата на загадувачки супстанции во воздухот не ги надминува граничните вредности.

На 22.01.2019 година депонијата ги известила Државниот инспекторат за животна средина и Министерството за животна средина и просторно планирање дека печката за согорување медицински и друг вид опасен отпад е ставена вон употреба поради дефект и физички оштетувања на филтерот за прочистување издувни гасови. Дефектот бил отстранет во февруари 2019 година, а извршеното тестирање покажало дека емисијата на загадувачки супстанции во воздухот не ги надминува граничните вредности, по што печката повторно била ставена во употреба.

Во меѓувреме, медицинскиот отпад се собирал и складирал во депонијата, но не се согорувал.

Во периодот од 22.11.2018 – 07.03.2019 година Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство поставил мерен инструмент „AIRPOINTER-Recordum“ во кругот на депонијата Дрисла со цел да мери и собира податоци за квалитетот на воздухот во близина на печката каде се согорува медицински отпад.

„Од извештајот од мерењата се констатира дека во најголем дел резултатите од мерењето се во дозволените граници, а во периодите кога има надминување тоа е со краток максимум од 70-80 микрограма на метар кубен што е во рамките на европскиот просек за урбани средини“, соопштија од Обвинителството.

Јавниот обвинител ги обезбедил и резултатите од извршените мерења и анализи на технолошката вода и на водата за пиење во депонијата Дрисла, извршени од ЈЗУ Центар за јавно здравје, кои, како што наведува Обвинителството, исто така, се во рамките на законските и стручните прописи во однос на испитаните параметри.

Извор: Макфакс