Од 7 октомври 2025 година: Евтин и побрз трансфер на пари во евра преку СЕПА
Од 7 октомври 2025 година, граѓаните и компаниите во земјава ќе можат да вршат побрзи и поевтини плаќања во евра со земјите од Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), соопшти Народната банка.
„Историскиот чекор што се направи со прифаќањето на барањето за приклучување кон СЕПА од страна на Европскиот совет за плаќања овозможи на домашните банки да се интегрираат во европските платежни шеми, во кои учествуваат даватели на платежни услуги од уште 40 земји,“ стои во соопштението на Народната банка.
Од почетокот на октомври девет банки ќе бидат целосно подготвени за извршување на СЕПА кредитни трансфери: НЛБ Банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје, Комерцијална банка АД Скопје, Шпаркасе банка АД Скопје, Халк банка АД Скопје, Прокредит банка АД Скопје, ТТК банка АД Скопје, УНИ Банка АД Скопје и Централна кооперативна банка АД Скопје. Од Народната банка информираат дека останатите три банки активно работат на интеграцијата и се очекува да завршат најдоцна до крајот на првиот квартал од 2026 година, согласно пропишаниот рок.
Според објавените тарифи, плаќањата во евра кон земјите од СЕПА ќе бидат повеќекратно поевтини во споредба со сегашните трошоци преку кореспондентното банкарство. За електронско плаќање на 500 евра, граѓаните ќе плаќаат во просек околу 260 денари, наспроти сегашните 1.600 денари. За прилив на истата сума, надоместокот ќе биде околу 140 денари, што е двојно пониско од досегашните 280 денари.
Компаниите, исто така, ќе имаат значителни заштеди. За трансфер на 20.000 евра, надоместокот ќе изнесува околу 570 денари, што е осумпати помалку од сегашните 4.740 денари. За прилив на истата сума, трошокот ќе биде околу 390 денари, односно трипати помалку од сегашните 1.180 денари.
Народната банка и Македонската банкарска асоцијација ги охрабруваат граѓаните и компаниите да ги искористат придобивките од приклучувањето кон СЕПА и повеќе да користат дигитални канали за плаќања, со цел поголема ефикасност и пониски трошоци.