ОД ДЕНЕСКА ВО АЛБАНИЈА ПОЧНУВА ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ КОВИД-19, ПРВАТА ПРАТКА Е 11 ИЛЈАДИ ДОЗИ

Соседството забрзано работи на КОВИД имунизација. По Србија, и Албанија од денеска стартува со вакцинација на населението против опасниот вирус.

loading...

Тамошната влада обезбеди 500.000 дози од вакцините на „Фајзер“ и “Бионтек“. Првата пратка содржи речиси 11.000 дози а се очекуваат уште 30.000 вакцини следниот месец. Главниот пункт за вакцинирање ќе биде стадионот „Ер Албанија“. Премиерот Рама денеска на прес конференција порача дека вакцината е единственото сигурно оружје против корона вирусот.

„Фрижидерите за чување на вакцините се тука, наскоро јавно ќе го обелодениме целиот процес со цел да бидеме транспарентни и да покажеме дека сме подготвени. Не сме ниту најбогатата ниту најспособната земја во оваа војна но не заостануваме зад никого. Ова е причина да бидеме горди што започнуваме со вакцинирање на докторите и медицинските лица кои се во првите борбени редови,“вели Еди Рама, премиер на Албанија.

Во Србија веќе пристигна третата пратка со 18.500 вакцини од „Фајзер“. Според тамошните власти, досега се вакцинирале 9.300 граѓани.

Во очекување на првите дози кај нас, вакцините и натаму се тема број еден за партиски препукувања меѓу власта и опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека набавката доцни и не се знае кога и како ќе се одвива процесот, а од СДСМ, пак, ги повикуваат граѓаните да бидат трпеливи и да ги почитуваат мерките.



Македонија ја очекува првата пратка од околу 5.800 вакцини на „Фајзер“ во февруари која ќе биде наменета за здравствените работници.

loading...

Помасовна вакцинација на населението се очекува пролетва, но она што загрижува е што според испитувањата на јавното мислење скоро половина од граѓаните се против вакцинирањето или се подготвени да почекаат..

Во меѓувреме, се погласни се шпекулациите во јавноста дека тие што нема да бидат вакцинирани нема да можат да патуваат.. многу авио-компании веќе најавија дека вакцинацијата за патниците ќе биде задолжителна, а таква најава стигна и од грчкиот министер за туризам Харис Теохарис.

Во интервју за „Прототема“ тој рече дека без приложен доказ за КОВИД имунизација нема на море во Грција, а за невакцинираните туристи ќе има построги контроли за влез во зависност од тоа каква е епидемиолошката состојба од земјите од кои доаѓаат.