МАЛИ А ГОЛЕМИ

Лидерот на Демократски Сојуз, Павле Трајанов, неодамна објави дека 34 пратеници од помалите партии од власта и опозицијата се обединиле за промена на изборниот закон и воведување на една изборна единица со отворени листи, и да се укине финансирањето на политичките партии. Тие повеќе не сакаат да бидат приврзок на големите партии, да зависат од нив и да гласаат против својата волја.
Браво, секоја чест за оваа иницијатива, веројатно ги послушале барањата на голем број на граѓани кои се за вистинска демократија, за воведување на европските стандарди во Македонија и за враќање на моќта и достоинството на граѓаните. Каков поголем доказ ни треба за владеење на мафиите со Македонија ако пратениците од малите партии, и од власта и од опозицијата, јавно се жалаат дека се приморани да гласаат спротивно на својата волја? Па за каква тогаш демократија во Македонија зборуваме? Ако овие мафии ја имаат моќта да влијаат на слободната волја при гласањето на пратениците од малите партии – што останува тогаш за пратениците од „големите“ партии?

loading...


Оваа иницијатива тешко дека ќе ја спроведат пратениците на „големите“ партии по сопствена волја, знаеме дека тие се само послушници и продолжена рака на лидерите на „големите“ партии, и сега ќе купуваат време со формирање на работни групи, а после ќе ја прават истата игра со консензусот: ние од СДСМ сакаме, ама оние од ДПМНЕ и ДУИ не сакаат, а мора консензус, и без нив ќе се блокира Собранието, нели?


Епа еве ја големата можност да ја совладаме и отстраниме оваа мафија од нашите плеќи и од државниот систем на Македонија – со помош на промената на изборниот закон и воведувањето на отворените листи. Ако досега „големите“ партии не уценуваа со блокада на државата ако не ги толерираме нивните политичките мафии – сега распоредот на политичките сили во парламентот е таков што им пружа голема можност и на пратениците од малите партии да ги уценат „големите“ со промена на изборниот закон и воведување на отворените листи, зошто сега и тие, ако сакаат, можат буквално да ја блокираат работата на Собранието. Дури 34 пратеници, што се скоро третина од вкупниот број, се за оваа иницијатива, и ако навистина цврсто застанат зад неа, во име на народот и државата – ќе бидат идните 34 големи херои кои ќе бидат славени и со златни букви запишани во македонската историја. Доколку не подлегнат под притисоците, заканите и уцените од мафиите на „големите“ партии, тие се на добар пат да станат идните најголеми патриоти и револуционери на Македонија, од рангот на Даме, Гоце, Карев и Питу.
И не само тоа, на овој начин, со опстојување на оваа иницијатива, нивните „мали“ партии ќе докажат дека се ГОЛЕМИ и дека ќе можат реално да очекуваат тоа и на дело да се верификува при гласањето на следните избори, нека се и локални, додека „големите“ партии ќе мора да почекаат само кратко време за да се уверат дека се само мали и неважни.


Затоа, почитувани граѓани, ајде на сите можни начини, лично, преку социјалните мрежи и преку медиумите да им дадеме ОГРОМНА поддршка на овие ГОЛЕМИ 34 ПРАТЕНИЦИ, за да ги охрабриме да истраат во оваа голема борба против политичките мафии, а за слободна, демократска и европска Македонија! Дајте постојано да зборуваме за оваа нивна иницијатива, помеѓу луѓето и на социјалните мрежи, да ги активираме сите наши врски, пријателства и влијанија кај новинарите и да ги мотивираме по медиумите што почесто и повеќе да зборуваат за оваа тема. Колку „големите“ партии ќе сакаат да ја забошотат и занемарат оваа тема – толку ние „малите“ – а големи пратеници и луѓе да ја форсираме оваа тема за ОТВОРЕНИТЕ ИЗБОРНИ ЛИСТИ како главна, суштинска и судбинска тема за која треба да се зборува и која да се спроведе, за доброто на сите нас и на нашата Македонија! Да им помогнеме на овие 34 пратеници од „малите“ партии да станат ГОЛЕМИ, што очигледно и го заслужуваат!

loading...


Автор: Елизабета Најдоска Величкова