| |

ЈО ГО ИСПРАТИ ИЗВЕШТАЈОТ ДО СОВЕТОТ НА ЈО, СЕГА ТРЕБА ДА СЕ ЗАКАЖЕ СЕДНИЦА ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ЈАНЕВА

Јавното обвинителство денеска напладне го испрати извештајот за Катица Јанева до Советот на јавни обвинители по што следниот чекор е да се закаже седница на која ќе се расправа за разрешувањето на Јанева од функцијата специјален јавен обвинител.

Во Извештајот се содржани деталите од постапката покрената против Јанева, истрагата за злоупотребата на службата положба и причините за барање на притворот.

Претходно го контактиравме претседателот на Советот Коле Штерјов кој ни рече дека откако ќе го добијат извештајот ќе биде свикана седницата.

„Кога ќе го добиеме извештајот ќе го проучиме и ќе видиме како ќе постапиме. Но едно е важно, за да има поставување ВД мора да има прво разрешување, бидејќи не може во исто време да има двајца јавни обвинители“, ни изјави Штерјов. За сега се уште нема информации кога ќе биде закажана седницата. Законот за СЈО, предвидува дека јавниот обвинител се разрешува од функција поради незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата. Откако Советот ќе започне процедура за разрешување, треба да достави до Собранието извештај за причините и основите за одлуката. По предлог на Собраниската комисија за прашања на избори и именувања и по претходна согласност за четирите политички партии Собранието го утврдува предлогот за разрешувањето со двотретинско и Бадентерово мнозинство.

Слични Објави