| |

Од Софија во Скопје: „5+5“ ја претставува модата како уметничко дело

Изложбата „5+5 / уметност + мода“, која обединува пет тимови од визуелни уметници и модни дизајнери, гостува на Моден викенд Скопје 2026, соопштија организаторите на својата страница на Фејсбук. Проектот е инициран од Националната галерија на Бугарија и фондацијата „ИВАН АСЕН 22“, а неговото претставување во Скопје е поддржано од Бугарскиот културно-информативен центар во градот.

Изложбата првично била претставена во „Софиски арсенал – Музеј на современата уметност“, огранок на бугарската Национална галерија. Кураторки се д-р Надежда Џакова и Нели Митева.

„Проектот ја истражува модата надвор од нејзината функционална намена — како уметничко дело што може да се носи, скулпторска форма и медиум за изразување на идентитетот, одржливоста и современата култура“, наведуваат организаторите.

Учесниците користат иновативни материјали, рециклиран текстил, дигитално печатење и рачни техники. Нивните дела го истражуваат односот меѓу телото, облеката и околината.

Петте соработнички тимови ги сочинуваат Камен Старчев и Георги Флоров, Светлана Мирчева и Дилјана Иванова, Георги Георгиев–jorrras и Маја Каранешева, Ангелика Радева и Нели Митева, како и Sashettu (Александра Георгиева) и Александар Гергинов.

Просторниот концепт на изложбата е дело на сценографот Момчил Тасев.

Според организаторите, поставката ги поврзува современата уметност и модата преку експериментирање, иновации во материјалите и заедничка уметничка визија.

Слични Објави