Од утре започнува воведувањето на новиот европски систем за гранична контрола – EES
По неколку одложувања, од 12 октомври 2025 година Европската Унија започнува со постепено воведување на дигиталниот Систем за влез/излез (EES) на надворешните граници на Шенген зоната. Целосната имплементација се очекува до 10 април 2026 година.
EES ќе го замени ставањето печати во пасошите со електронска евиденција на влезови и излези преку биометриски податоци – отпечатоци од прсти и фотографија на лице. Системот се однесува на државјани на трети земји кои патуваат во Шенген зоната за краток престој до 90 дена.
EES ќе функционира заедно со системот ETIAS, кој проверува и овластува патници пред патување.
Во првите месеци на воведување се очекуваат поголеми редици и задоцнувања на граничните премини, додека патниците и службите се прилагодат на новите процедури.
Системот ќе се применува во 29 европски земји, вклучувајќи ги сите членки на Шенген зоната и придружните држави како Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.

