| |

Одбележуваме 111 години од смртта на Пере Тошев, нарекуван Совеста на Организацијата

На 21 април 1912 г. близу с. Дреново е убиен од турскиот аскер апостолот и совеста на ВМОРО – Пере Тошев, роден во Прилеп 1865 г. Се школувал во Бугарска гимназија во Солун, но во 1882 г. е исклучен поради учество во училишен бунт и при претрес кај него е најдена Бугарска христоматиja од И. Вазов и Константин Величков. Истата година заминува за Пловдив, каде што завршува гимназијата.

Таму тој организира секција на Бугарскиот таен централен револуционерен комитет, кој има за цел ослободување на Македонија и Одринско. П. Тошев зема учество во соединението на Источна Румелија со Кнежевство Бугарија. Во Србско-бугарската војна е доброволец и е ранет во битка кај Пирот. Од 1892 г. учителствувал во Прилеп, а по создавањето на ВМОРО го основал првиот револуционерен комитет во градот. Наредната година учителствувал во Скопје, каде формирал комитет. Потоа учителствувал во Битола, каде заедно со Ѓорче Петров и Даме Груев ги подпомагат месните револуционерни комитети.

Во 1896 г. се преместува во Солун како учител во Бугарската гимназија и е вклучен во ЦК на ВМОРО. Во 1901 г. е уапсен и осуден на 101 година заточение во Подрум кале. Наредната година е амнестиран и 1903 г. учествува на Смилевскиот конгрес. За време на Илинденското востание го раководи Мариовскиот револуционерен реон. Во 1904 г. е делегат на Прилепскиот конгрес, а на Рилскиот конгрес во 1905 г. повторно е избран за член во ЦК. Од 1910-1911 г. е училишен инспектор на егзархиските училишта во Солунскиот округ. Наредната година заминува на лекување во Софија. По склучениот сојузен договор меѓу Бугарија и Србија за спорна и беспорна зона во Македонија тој брза да се врати дома. Во Дреновската клисура е убиен од заседа, а потоа Турците го сечат на парчиња и го закопуваат покрај патот.

“На 15. август 1894 г. во Ресен по повод осветувањето на новоизградената Бугарска црква Св. Кирил и Методи се одржа голем црковен собор. Поканети се гости од цела Македонија. Идат и многу богомолци, Бугари од блиската околина и од подалечните краишта. Црковниот собор во Ресен станва удобно прикритие на првата тајна средба на револуционерните дејци. Меѓу нив Пере Тошев зазема видно место. На водените расправи тој смело се застапуваше за Бугарскиот карактер на веќе основаната Организација. Меѓу другото револуционерните дејци во Ресен настојуваа Пере Тошев да се назначи за учител во Битола. Будниот град Битола со неговото борбено Бугарско население, со неговата средишна местоположба, и со своите енергични раководители, стана важно средиште на Револуционерната организација… За време на неговото учителствување во Битолa до 1898 г. свештеникот Тома Н. Христов, виден раководител на битолскиот револуционерен округ, раскажува: „1897 г. беше златната епоха за Битола.

По завршувањето на Грчко-турската војна во м. мај, на Петедесетница, се издигна бугарското државно знаме во центарот на градот. Тој ден беше Великден за Бугарите. Целиот град помина пред трговското представништво (предходница на Бугарскиот конзулат), за да го види бугарското знаме, а Бугарите не можеа да ги задржат солзите од радост. Знамето го осветивме со дедо Козма во раните утрински часови, за да не се дигне шум. После крајот на црковната служба, отидов во пансионот да му соопштам на Пере, дека го осветивме знамето. Тој скокна од радост и посака заедно да поминеме пред представништвото. Видов како Пере незадржано заплака од радост.“

ПЕРЕ ТОШЕВ; ЛИЧНОСТ И ДЕЛО, Светозар Тошев, внук на П. Тошев

Слични Објави