Оддадена почит кон петмина бугарски офицери стрелани кај Босилеград
Претставникот на Генералниот конзулат на Република Бугарија во Ниш, г. Александар Ганчев, претставници на КИЦ „Босилеград“, здружението „ГЛАС“ и граѓани положија цвеќе и оддадоа почит на спомен-плочите на петмина бугарски офицери на Босилеградските гробишта, јавува КИЦ Босилеград.
Претседателот на КИЦ „Босилеград“, Иван Николов, накратко ја потсети јавноста на хронологијата на настаните што се случиле пред 112 години.
„За време на Меѓусојузничката војна, на 28 јуни 1913 година, во центарот на Босилеград дошло до судир меѓу српскиот 10-ти пешадиски полк од Шумадиската дивизија и бугарскиот Шести коњанички полк од Четвртата пешадиска дивизија, предводен од полковник Иларион Танев. По драматична и крвава улична борба, биле убиени и ранети десетици бугарски и српски војници и офицери.
Заробени се петмина бугарски офицери – командантот на полкот полковник Иларион Танев, поручник Станислав Стефанов, поручник Асен Минков (брат на познатиот бугарски писател Светослав Минков), потпоручник Стефан Контев и вахмистер Христо Владов. По наредба на капетан Арсениевиќ, на 28 јуни, спротивно на сите познати тогашни меѓународни воени конвенции за постапување со заробеници, тие биле стрелани и закопани во местото „Воденици“, во градина близу воденицата на Димитар Дојчинов Треперски.
На 2 јули 1913 година, специјална бугарска воена комисија ги ексхумирала телата и го истражувала случајот. Истата вечер, телата на убиените офицери биле пренесени и погребани во Босилеградските гробишта. Настанот детално е опишан во Извештајот на Карнегиевата комисија, при што е приложен оригинален протокол и фотографии, а зачувани се и сведоштва од непосредни учесници и очевидци на стрелaњето.
Два од гробовите подоцна биле пренесени од семејствата. Три надгробни споменици опстојувале до околу 1980 година, кога биле уништени и фрлени на непозната локација.
По повод одбележувањето на 100-годишнината од Балканската војна, врз основа на искуствата и практиката на европските држави, КИЦ „Босилеград“ и ДСБ во 2013 година започнаа иницијатива настанот да се извади од заборав, а гробовите на петмината офицери да бидат обновени и достојно обележани.
Иницијативата се соочи со силен отпор, а против ДСБ беше покрената предистражна постапка. Сепак, со многу ризици и главно со лични средства и труд на Димитар Димитров – Треперски, беа поставени пет спомен-плочи, каде што секоја година на 28 јуни претставници на бугарските организации во Босилеград оддаваат почит кон убиените офицери,“ изјави Николов.
На 11 јули, во селото Божица, во дворот на црквата „Св. Петар и Павле“, ќе биде оддадена почит и ќе се положат цвеќиња на гробот на поручник Генчо Неделчев, командант на 16-та чета од 2-риот пешадиски Искарски полк на 5-та Дунавска дивизија, кој загинал на 11 јули 1913 година во борбите кај врвот Панжин гроб, село Божица.

