„Охрабрете се, не се плашете“, Маричиќ со порака до партиите за да учествуваат во уставните измени
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, ги повика партиите да земат учество во работната група за уставните измени. Тој не кажа кој професори ќе земат учество, ниту кој претставник ќе биде предложен од Секретаријатот за европски прашања. Од владината говорница испрати и порака до партиите кои кажаа дека немаат во план да седнат на маса за промената на Уставот.
„Не гледам причина било која партија да земе учество во тој процес. Ние ќе се трудиме да ги убедиме да учествуваат во тој формат. Кој потврдил, а кој не, треба да каже Министерството за правда. Се разговараше со повеќе експерти, мислам дека дел се споменаа во јавноста. Се уште дел немаат официјално потврдено или официјално добиено покана. Тоа се неформални разговори. Имаме квалитетна група на експерти и претставници на политички партии. Ова прашање порано или подоцна ќе дојде во Собранието и политичките партии ќе треба да се изјаснат. Многу логично е прашањето зошто валидно да се споделуваат ставовите на прес-конференции, а истите тие ставови е тешко да се разговараат во работната група?“, рече Маричиќ.
Тој им порача на сите партии да се охрабрат.
„Ние секогаш имаме различни мислења, но сме доаѓале во работна група каде подетално, попрофесионално, па и пожестоко да ги коментираме за да дојдеме до заедничко решение. Поодговорно и попрактично е сите политички партии да земат учество. Да не се плашат, еве јас би ги охрабрил да не се плашат, бидејќи јавно ги изнесоа ставовите, тие ставови да ги изнесат во работната група, и да видиме дали може да дојдеме до едно заедничко решение, македонски модел за и овие три заедници да влезат во Уставот“, додаде Маричиќ.
