| |

Околу 200 милиони евра ќе чини големата база на НАТО кај Јамбол во Бугарија

Околу 200 милиони евра ќе чини изградбата на голема воена база во реонот „Кабиле“ кај Јамбол, наменета за мултинационалната борбена група на НАТО во Бугарија, со можност таа да биде проширена до ниво на бригада, соопшти бугарскиот министер за одбрана Димитар Стојанов, пренесува 24 часа.

Средствата треба да бидат обезбедени преку Програмата на НАТО за инвестиции во безбедноста. Изградбата на воените објекти беше одобрена од бугарското Народно собрание во јануари, а Бугарија и Италија уште во декември 2025 година потпишаа договор за развој на инфраструктурата во реоните „Кабиле“ и „Безмер“.

„Во оваа фаза треба да почне проектирањето. Тоа ќе овозможи најдоцна за една година да имаме многу поконкретни информации за параметрите на проектот“, изјави Стојанов.

Проектот е дел од плановите за зајакнување на одбранбените капацитети на Бугарија и НАТО и е поврзан со можноста во регионот да биде формиран и мултинационален дивизиски штаб.

Стојанов изјави и дека на авиобазата „Безмер“ во моментов се распоредени два американски авиони-цистерни, кои изведуваат тренинг летови, без регистрирани инциденти.

За дронот што падна кај Кардам, министерот рече дека Бугарија сè уште нема добиено одговор од Украина по испратеното барање за информации, ниту потврда од Министерството за внатрешни работи дали леталото носело експлозив.



Слични Објави