ОЛАВ ТОН- МИЛИЈАРДЕРОТ ШТО САМ СИ ГИ КРПИ ЧОРАПИТЕ

Во јуни најбогатиот Норвежанец, претприемачот Олав Тон ќе наврши 95 години. Тон е сопственик на повеќе од 450 недвижнини, меѓу кои 60 хотели, 99 трговски центри, еден аеродром и еден хемиски завод.  Рачно плетената црвена шапка е неговиот заштитен знак. Ако го видите без неа, значи не е тој или се имате препознато. Олав Тон воодушевува со своите манири и архаичниот начин на изразување. Тој го отсликува од А до Ш поимот „олд скуул“.

Првиот бизнис „удар“ Тон го изведува уште во 30-тите години на минатиот век, кога ги продава кожите на две црвени лисици за 600 круни. Парите ги користи да отвори сопствена фирма, а неколку години подоцна купува зграда во центарот на Осло за 1, 7 милиони круни.

Олав Тон е познат по тоа што не троши пари за глупости и не се луксузира. Милијардерот има еден стар фолксваген, еден пар скии и еден велосипед. Сака да поминува време во планината, каде што има скромна куќичка, во која дури нема чешма за вода.

„Скржавиот“ милијардер вели дека парите никој не може да ги земе со себе во гробот. Тон самиот си ги крпи чорапите и нема вработено личен асистент. Во неговите фирми секој вработен знае што треба да заврши и нема вишок позиции за претставителни функции. Тон работи исто како и своите вработени. Јаде месо еднаш месечно, а неговото мени се состои од многу варени компири, зеленчук и риба.

Милијардерот нема деца. Досега не се појавила ниту една застарена старлета, која да објави дека има дете од скржавиот дедо. Тоа значи дека досега нема ниту еден кандидат за наследството на најбогатиот Норвежанец. Неговите пари ќе заминат на контото на една од неговите фондации и ќе бидат потрошени за научни истражувања во повеќе области.

Тон вели дека сака остане запаметен како момчето без образование што дошло во големиот град и изградило империја од нулата.

 

 

 

 

Слични Објави