ЗАТОА ШТО ДОБРОТО СЕКОГАШ ОСТАНУВА НЕЗАБЕЛЕЖАНО

Истакнато Краток спој

Живееме во времето на заборавените гаќички. Ако гаќичките се носени од некоја турбофолкерка, тогаш тие тежат минимум неколку илјади клика и импресии. Сето тоа се брои од Google Analytics, а пак Google Analytics е главниот мамец за банери. Токму банер-новинарството се цени најмногу денес. Секој портал се бори да опстане, а мерилото за неговата успешност секако се банерите. Ако ги немаш, нешто не штима. Не си профи. Така е во реалниот живот. Еве денеска и на нашиот сајт грејна првиот банер, можеби веќе сте забележале. Нека е аирлија.

Живееме во времето на лошо изведените маркетиншки акции наменети за толпата. Истата таа толпа, која со животинска жед клика за да ги види заборавените гаќички на турбофолкеркава. Како се прави маркетинг за сиромашни. Удираш јако на филмови за болни дечиња, питачи и самохрани родители и ете приказната е готова. Социјалните стории се новите сапунски серии. Седи дома толпата во папучи и ако случајно не пцуе по Грците, чепка у нос и гледа како во некоја речиси срушена куќа неколку измачени од нивните родители деца гледаат жално кон камерите. Ќе се најдат некои добри луѓе и ќе помогнат, кој со облека, кој со други ситнурии. Тие не сакаат да излезат од анонимност, но и публицитетот носен од банер-новинарството бега од нив како поранешен терорист од советничко место.

Никој никого не опнал, а гаќите износени од многу перења на „евтина“ и да сакаш некој да ти ги објави, ќе се удриш во ѕидот на побарувачката. Им потребале твоите гаќи на толпата. Смотле си. Работиш ко скот, ама имаш време да пробуваш да (о)станеш добар човек. Удрија жена ти со „тапото“ на секирата, или ете да не рипнат феминискиве, нека таа те изгори со пегла… веднаш и двајцата ќе се најдете покрај банерите. Веднаш ќе станете тема за на кафе муабет. Сосема друг е моментот кога популизмот на политичарите ќе се фати рака за рака со сиромашијата. Тоа му доаѓа како љубов на прв поглед. Оти не е само Трамп популист или оној од Холандија со плавата коса што мрази емигранти. Популисти се сите тие кои дозволуваат толпата да им ги пере рацете, додека истата се забавува со гаќички што мирисаат на турбофолкерско носено.

Жално е кога убавите приказни ќе останат незабележани. Ете пред неколку часа овде на овој портал објавив напис за еден скржав милијардер од Норвешка. Дедово наместо да бара „волшебно“ апче за „кревање на авионот“, што нема да му штети на срцето, работи по 10 часа на ден и не сака да го запаметат како милијардер, туку како детето со два сантима школо, кое успеало од нула да изгради империја. Сенилна будала, која нема да има концерт во „VIP арена Борис Трајковски“ и баш поради таа причина не е достојна за вниманието на толпата.

Толпата драги мои ужива во линчот на убавото. Токму поради таа причина убавото се крие во подрумот на нашата скапана и одамна нереновирана зграда, бидејќи повеќе му одговара да остане незабележано, отколку да биде уништено.

Автор: Батко Тане