Бугарски патриоти со иницијатива „Сакаме бугарски споменик“ на местото на Монументот на окупаторската Црвена армија во Софија
Утре во 10 часот локално време, група граѓани бугарски патриоти, ќе организираат демонстрација пред Монументот на окупаторската Црвена армија во центарот на Софија со барање истиот да се отстрани и на негово место да биде изграден бугарски споменик.
„На 9 мај 2023 година, ние граѓаните на Софија и Бугарија ќе побараме да се исправи една огромна неправда. Во центарот на нашиот главен град треба да има голем, убав споменик кој воспитува доблести и ја покажува нашата историја“, изјави Георги Драганов, еден од организаторите на иницијативата.
Според него изградбата на таков споменик ќе ја намали поделеноста во бугарското општество.
„Овој споменик треба да носи позитивен набој, да разбуди чувство на гордост и да биде прифатен од сите граѓани, без разлика на нивните политички ставови. Веруваме дека на тој начин ќе се намали поделеноста во нашето општество и ќе можеме да се радуваме на иднината во која ќе можеме да се гордееме како Бугари и жители на Софија“, вели Драганов за „Трибуна“.
На настанот нема да биде дозволено да се веат партиски знамиња и знамиња на други држави. Учесниците ќе добијат и ленти во боите на бугарското државно знаме и ќе има голем транспарент со текст „Сакаме бугарски споменик“.
„Од нашите разговори со луѓето кои ја прифаќаат идејата се искристализираа неколку предлози. Најпопуларни скулптури што можат да бидат поставени на постаментот се тие на Св. Кнез Борис I Крстител, Цар Симеон Велики, Кан Кубрат и неговите синови. Има идеи и за изградба на Алеја на хероите, со споменици на бугарските владетели, револуционери и црковни големодостојници“, вели Драганов.
Потсетуваме дека Советот на град Софија годинава изгласа решение според кое Монументот на окупаторската Црвена армија треба да биде демонтиран и преместен во Музејот на социјалистичката уметност во главниот град на Бугарија.

