| |

OMV Petrom подготвува сондажи во Црното Море во бугарскиот блок „Хан Аспарух“

OMV Petrom и нејзиниот партнер NewMed Energy се подготвуваат да започнат офшорна истражувачка сондажна кампања во бугарскиот блок „Хан Аспарух“ во западниот дел на Црното Море, јавува БГНЕС. Сондажниот брод Globetrotter I, управуван од Noble Corporation, веќе пристигна во Бугарија пред почетокот на дупчењето на истражувачкиот ископ Vinekh-1, кој се наоѓа околу 125 милји источно од Варна, на длабочина од приближно 2.000 метри. Почетокот на сондажите се очекува до крајот на годината.

Програмата опфаќа два офшорни истражувачки ископи и се планира да трае околу пет месеци, со проценет буџет од околу 170 милиони евра. Halliburton ќе обезбеди интегрирани сондажни услуги, додека SLB ќе биде задолжен за тестирањето на ископите.

Извршната директорка на OMV Petrom, Кристина Верхере, изјави дека започнувањето на истражувачките сондажи во Бугарија е важен чекор што го зајакнува присуството на компанијата во Црното Море и придонесува за енергетската безбедност во регионот. Членот на извршниот одбор задолжен за истражување и производство, Кристиан Хубати, нагласи дека напредните технологии и високите безбедносни стандарди се клучни за кампањата.

Од NewMed Energy ја оценија иницијативата како стратешка за проширување на присуството на компанијата во Југоисточна Европа. Извршниот директор Јоси Абу изјави дека блокот „Хан Аспарух“ има значителен потенцијал и отвора нови можности за Бугарија.

Блокот „Хан Аспарух“ зафаќа површина од околу 13.712 квадратни километри во западниот дел на Црното Море, јужно од романскиот блок „Нептун“. Претходните активности вклучуваа сеизмички истражувања и три истражувачки бунара, а обемна 3D сеизмичка кампања беше завршена во 2020 година.



Слични Објави