|

ОН: Израелската армија предупреди повеќе од милион луѓе во Газа да се евакуираат

Обединетите нации рано утринава соопштија дека израелската војска им кажала дека околу 1,1 милион Палестинци во Газа треба да се преселат на југ од енклавата во следните 24 часа.

„Обединетите нации сметаат дека е невозможно такво движење да се случи без катастрофални хуманитарни последици“, се вели во соопштението на портпаролот на ОН, Стефан Дујарик.

„Обединетите нации силно бараат секоја таква наредба, доколку биде потврдена, да биде поништена за да се избегне претворање на она што веќе е трагедија во катастрофална ситуација“, рече тој. Дујарик додаде дека наредбата на израелската војска се однесува и на целиот персонал на ОН и на оние кои се сместени во објектите на ОН, вклучувајќи училишта, здравствени центри и клиники, пренесува Ројтерс.

Израел вети дека ќе го уништи движењето Хамас што владее со Појасот Газа како одмазда за најсмртоносниот напад врз цивили во израелската историја, кога стотици вооружени мажи ја преминаа границата и дивееја низ израелските градови во саботата.

Израелските власти соопштија дека бројот на загинати внатре во Израел се искачи на повеќе од 1.300. Повеќето се цивили убиени во своите домови, на улиците или на забава. Властите во Газа објавија дека повеќе од 1.500 Палестинци се убиени, а над 6.000 ранети во одмазднички израелски воздушни напади и планираат копнен напад.

Слични Објави