|

Општина Илинден ќе добие ново училиште

Во општина Илинден ќе има ново основно училиште, а во текот на летниот период извршени се градежни активности во сите други училишта, санација на оштетени делови, хортикултурно уредување на дворните површини, како и целосна дезинфекција на училниците и просториите кои се наоѓаат во училишните згради.

По повод почетокот на новата учебна година, градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски направи обиколка на централните и подрачните основни училишта, градинката и средното општинско стручно училиште.

-При посетата беше констатирано дека сите училишта подготвени ќе ја отпочнат новата учебна година и се спремни просторно, како и со воспитно-образовен кадар кој во целост ќе ја спроведе предвидената образовна програма за учениците, соопшти Општина Илинден.

За новото училиште наведува дека е високоенергетски ефикасен објект, со иновативен пристап и воведени нови технологии и еколошки материјали, со греење и ладење со алтернативни извори на енергија, опремено според највисоките безбедносни стандарди.

-Училиштето располага со 14 училници, наставничка канцеларија, конференциска сала, пет тоалети како и три простории за кујна со трепезарии. Сите простории се опремени со потребниот инвентар според највисоките нормативи и стандарди.

Карактеристично за новото училиште е тоа што има и сензорна соба за поголема инклузија на децата со попреченост. Основните придобивки од отворање на ова училиште се модернизирање и проширување на просторните капацитети, како и воведување настава со продолжен престој за учениците од прво одделение и обезбеден топол оброк, информира Општината.

За успешен почеток на новата учебна година, подготвено е и ООУ ,,Ристо Крле” од Кадино, каде во централното училиште се опремени три кабинети со смарт табли, опремен кабинет по музичко образование со дигитално пијано, електронски информатор во холот на училиштето, молеро-фарбарско уредување, како и уредување на паркинг простор за да се подобри безбедноста на движење.

-Во подрачните училишта во Мралино и Бунарџик реновирани се тоалетите, уреден е влезот на училиштето со заштитна ограда и пристапен влез за лица со инвалидитет, уредени се дворните површини и детското игралиште. Интензивно се работеше и во останатите училишта во делот на инфраструктурата, како и осовременување и унапредување на квалитетот на воспитно-образовниот процес, се додава во соопштението на Општина Илинден.



Слични Објави