Општина Кисела Вода ќе врши контроли по несреќата со загинато лице и тројцата повредени на градилиште
Општина Кисела Вода најави вонреден инспекциски надзор по трагичниот настан на нејзина територија во кој едно лице го загуби животот, а три лица беа повредени.
Градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска изрази сочувство до семејството на починатиот и им посака побрзо закрепнување на повредените.
„Изразуваме длабоко жалење за загубата на човечкиот живот. Општината иницира вонреден инспекциски надзор со вклучување на сите раководители од надлежните сектори“, соопшти таа.
Како што информираше, надзорот ќе опфати целосна проверка на безбедносните услови, вклучително и контрола на противпожарната опрема и стандардите за користење заштитна опрема.
Од Општината велат дека целосно соработуваат со институциите и најавуваат дека ќе постапат согласно сите наоди и препораки.
„Доколку се утврдат неправилности или пропусти, ќе следува соодветна одговорност“, порача Стаменкоска-Трајкоска.
Таа апелираше до јавноста да се воздржи од ширење непроверени информации и политизација додека институциите ја завршуваат истрагата.
