ОПШТИНАТА РАДОВИШ И ОПШТИНАТА ТЕТЕВЕН ОД БУГАРИЈА СО ЗАЕДНИЧКИ ПРОЕКТ ФИНАНСИРАН ОД ЕУ
Новата 2019 година за општините Радовиш и Тетевен (Република Бугарија) започнува со добри вести. Во месец септември 2018 година двете збратимени општини аплицирале со проект “Заедно создаваме подобра иднина” за директно финансирање од ЕУ програмата “Европа за граѓаните”, насока “Демократска ангажираност и граѓанско учество“, во делот” Збратимени градови “.
На 22.08.2018 година Општина Радовиш потпиша Меморандум за соработка и пријателство со Општина Тетевен, Република Бугарија. Дел од заедничките активности во рамките на соработката е апликација за заеднички проекти финансирани со европски програми. Активностите во рамките на проектот ќе бидат во две од приоритетните насоки на Програмата “Европа за граѓаните” за 2018 година Едната насока е: “Промовирање на меѓукултурниот дијалог и меѓусебното разбирање”. Нејзината главна цел е да се воспостават врски и заедничка основа меѓу различните култури, заедници и луѓе, овозможувајќи им да учествуваат во заеднички активности. Другиот дел е: “Дебата за иднината на Европа и евроскептицизмот”. Граѓаните од двете општини ќе добијат можност да кажат каква Европа сакаат.
Сите активности поврзани со проектот ќе се одржат на територијата на општина Тетевен во периодот 18 – 21.07.2019 година. Еве дел од активностите што се во рамките на проектот:
- Форум – изложба на која ќе се презентираат историјата, културно наследство, природни и туристички знаменитости , претприемништвото, туризмот итн. на двете збратимени општини, ќе бидат разгледани можностите за соработка во областа на претприемништвото и туризмот, ќе се организира и саем на локални компании од двете општини;
- Средба на младински групи, експерти, претставници на организации кои работат во областа на образованието и младинските политики, на која главна тема ќе биде “Европа и младите – економски раст и социјална кохезија”. За време на средбата ќе бидат споделени добри практики во областа на младинска политика, образованието, личниот развој и можностите за вработување во двете општини.
- Вечер на македонскиот фолклор со учество на ансамбли од општина Радовиш во рамките на традиционалниот Фестивал за фолклор и народни носии, којшто се одржува во село Рибарица (Тетевен).
Проектот е со вкупна вредност од 22 175 евра.
