Орце Ѓорѓиевски ветува европски Луна парк и современа Зоолошка градина
Кандидатот за градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, најави целосна обнова на Луна паркот и Зоолошката градина во главниот град. Тој истакна дека иднината на Скопје се темели на три приоритети – инфраструктура, хигиена и јавен превоз – но додаде дека современ град не може да постои без култура, радост и простори за децата.
Ѓорѓиевски порача дека по години на одолговлекување и нереализирани ветувања, ќе започне изградба на нов, модерен Луна парк, наменет за сите генерации. Според него, овој простор нема да биде само парк со реквизити, туку современ забавен центар со европски стандарди за безбедност, ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри и зони со виртуелна реалност. Луна паркот ќе биде достапен и за лица со попреченост, со вграден систем за безбедност, видео надзор и пункт за прва помош. Новиот комплекс ќе вклучува зони за одмор, културни настани и улична уметност, со цел да стане нова туристичка атракција на градот.
Паралелно со ова, Ѓорѓиевски најави и целосна реконструкција на Зоолошката градина. Во рамките на проектот ќе се подобрат условите за животните, посетителите и вработените, со поставување топлински пумпи за енергетска ефикасност, нови кровови, видео надзор и модерен систем за безбедност и хигиена. Предвидена е изградба на центар за хипотерапија за деца со аутизам и церебрална парализа, како и можност истиот простор да се користи рекреативно. Ќе се воведе дигитална наплата преку апликацијата Skopje City GO, како и изградба на бушотина и силоси за храна за поекономично работење.
Според Ѓорѓиевски, обновата на Луна паркот и Зоолошката градина претставува инвестиција во здравото детство, во семејството и во иднината на Скопје. Тој додаде дека градот повторно ќе стане место кое се грижи за своите улици, жителите и секое дете што расте во него.

