|

Неготинчанец и неговата невенчана сопруга осомничени за насилство и лихварство

На 10 октомври 2025 година, во 13:20 часот, полициски службеници од ОВР Неготино ги лишиле од слобода С.Н. (50) и неговата невенчана сопруга Н.А. (35), двајцата од Неготино, поради сомнение за извршени повеќе кривични дела.

Според пријавеното, С.Н. пред неколку месеци му позајмил 2.000 денари на лице од Неготино, но кога тоа не успеало навреме да ги врати средствата со договорената камата, било принудено да му предаде накит за да го одложи рокот за враќање на парите. На 9 октомври 2025 година, осомничените С.Н. и Н.А. влегле во домот на оштетениот и физички го нападнале, а нападната била и неговата сопруга, која се обидела да интервенира.

По пријавениот инцидент, со судска наредба бил извршен претрес во домот на С.Н., при што биле пронајдени и одземени пари во различни апоени и валути, накит, вага, куршуми без соодветна документација, патна исправа на друго лице и нотес со белешки. При преглед кај двајцата биле најдени дополнителни парични средства. По приведувањето, С.Н. во полициската станица физички нападнал двајца полициски службеници.

Против Н.А. е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“ согласно член 386 од Кривичниот законик, додека против С.Н. се поднесени пријави за „насилство“, „лихварство“, „напад врз службено лице“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со огнено оружје или распрскувачки материјали“.

По спроведената постапка, С.Н. бил изведен пред судија на претходна постапка, кој му определил мерка притвор во траење од осум дена. Тој е спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Гевгелија, додека јавниот обвинител е запознаен со случајот и презема понатамошни мерки.



Слични Објави