|

Организациската директорка, која не ги потпиша платите во Заводот за физикална, на друго место ќе ја врши истата функција, Меџити испитува за злоупотребите

Миранда Шабани, досегашната директорка на Заводот за физикална медицина и рехабилитација во Скопје, која не ги потпиша платите на вработените оти на списокот имало лица што не се појавиле на работа, повторно ќе биде организациска директорка, но во друга институција. Шабани целокупната документација за злоупотреби во Заводот ја испратила до Министерството за здравство, кое вчера во кусо соопштение извести и за пристигнатите наводи за злоупотреби, но и за тоа дека Шабани повеќе не е директорка оти ѝ истекол мандатот.

Денес, министерот Меџити објасни дека мандатот на Шабани ѝ истекол пред неколку дена, но и дека веќе има нова директорска позиција.

„Мандатот на организациската директорка ѝ беше истечен пред неколку дена и, нормално, со сите консултации, па и со самата директорка, одлучивме да ја назначиме на друго место да продолжи како директор, како организациски директор. Информиран сум за случајот за наводните злоупотреби што ги кажала директорката. Тоа ќе го испитаме, веќе го правиме и ќе имаме конкретен одговор. Дали имало злоупотреби или не, ќе докажат нашите контроли“, рече министерот Меџити, но не кажа каде е распределена Шабани.

Директорката Шабани им се извини на сите вработени во Заводот за доцнењето на платата и објасни дека откога ги забележала на платен список лицата што никогаш не се појавиле на работа, не смеела да дозволи да се оштети буџетот на институцијата. Таа не кажа зошто токму сега, на истек на мандатот, јавила за злоупотребите, но рече дека на функцијата била шест месеци, кои ѝ биле доволни да ги увиди злоупотребите.

Слични Објави