ОСМАНИ: ФРАНЦИЈА СИЛНО ГИ ПОДДРЖУВА ЕВРОПСКИТЕ ИНТЕГРАЦИИ НА ЗЕМЈАВА

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи заедно со Амбасадорот на Република Франција, Кристијан Тимоние има воведни обраќања на меѓународниот семинар на тема „СЕП, Центарот за обуки и димензијата на човечките ресурси“, кој се реализира со поддршка на Француската агенција за развој.

„Денешниот настан е дел од серијата семинари и обуки кои ги организираме со поддршка на Француската агенција за развој, а се во насока на зајакнување на капацитетите на СЕП, како единствена институција со соодветната експертиза, знаење и искуство поврзани со европските процеси, а со цел поквалитетна подготовка на државата за процесот на преговори кој ни претстои“, нагласи Османи.

Османи изрази благодарност до Амбасадорот Тимоние и до својот советник кој доаѓа од француската Влада, Франсоа Лафонд, за поддршката во организацијата на ваквиот тип на обуки и семинари, со кои, како што истакна Османи, „не само што се зајакнуваат капацитетите на Секретаријатот за европски прашања туку истите претставуваат и јасен израз на добрите односи меѓу Република Франција и Република Северна Македонија.“

Османи посочи и на актуелноста на темат во периодот што претстои, упатувајќи на Извештајот на Европската Комисија чие објавување е наредната недела, при што истакна дека очекува истиот да го рефлектира реформскиот и политички напредок на земјава и дека очекува по квалитет да го надмине и минатогодишниот, и директно да посочи на подготвеноста на Република Северна Македонија за почеток на преговорите со Европската Унија оваа година.