| |

Непрочитани страници, нејасни позиции!(1)

Пишува: Редакција Трибуна

Почнува месец јуни 2022 г. и на повидок нема решение за македонското присоединување кон Европската Унија. Веројатно ќе дојде и крајот на јуни и состојбата ќе биде сѐуште истата. Бугарскиот председател Румен Радев одби да му “оди на колено“ на францускиот председател Макрон за да се “договорат“ Северна Македонија да ги почне преговорите за пристапување кон Унијата. Веројатно нема да оди ниту премиерот Кирил Петков. Така ќе започне и второто полугодие на оваа 2022 година, а прашањето ќе остане за разрешување во некоја недефинирана иднина. Низ медиите, како во Македонија така и во Бугарија циркулираат бројни мненија, опции и претпоставки, сите засновани на сопственото гледање на авторите за тоа дека се “точни“, ама работата не мрда од мртва точка. Претпоставки за стагнацијата во преговорите се многу, обвинувањата, најчесто кон непопусливата политика на Бугарија кон нас се уште повеќе, но суштината лежи некаде по длабоко, закопана околу нашето и бугарското поимање за сопствениот идентитет, за општата ни историја и за ролјата на двете држави во европската, и зошто да не, и во светската историја. Факти се многу, но главната ролја ја имаат митовите и митолошките претстави за себе сѝ, толку јасно оцртани во двете држави и кај двата народи.

Македонско-бугарските односи никогаш не биле односи на релацијата Скопје-Софија. Тоа не биле ниту научни или историски спорови, тоа биле најчесто изблици на политичка волја на “менторите“ или ако баш сакате, на окупаторите на двете држави. Македонските позиции секогаш биле позициите на Белград, тие биле храна на злосторничкиот српски национализам, толку јасно оцртан низ српската политика од средината на 19-век па сѐ до денешен ден. Бугарската политика од 1944 година кон Македонија е секогаш на патриотската и историската линија на бугарската наука, но зауздана од рускиот/советски окупатор на Бугарија, секогаш диригирана од Москва. Ако на сето тоа се додаде дека од 1918 година границата со Бугарија е најзатворената граница во Европа, состојба која трае и до денешен ден, тогаш јасно можат да се согледаат состојбите. Деве Баир е вистинскиот Берлински ѕид, непоклатен ни до денешен ден.

Ние малку се познаваме, поточно речено, воопшто не се познаваме. Настрана тоа што не можеме да увидиме дека треба да се сретнеме низ историјата, ние и денес не се среќаваме, ниту во музиката, ниту во поезијата, ниту во спортот, најмалку во политиката. Не се среќаваме и низ книгите, но факт е дека ние во Македонија навистина слабо читаме…тоа е тоа. А и приодот кон темите ни е на различен начин; ние приоѓаме од победнички, пројугословенски позиции, а бугарите од “пораженски“ позиции, кои се резултат на изгубените војни во 20-от век.

Нашата редакција се запозна со делото на брилијантната бугарска авторка на книги, есеји, анализи и сценарија за документарни филмови, Виолета К. Радева.

Виолета Костадинова Радева е бугарски филолог и д-р по филозофија. Работела во весниците „Кооперативно село“, „Земјоделско знаме“, „Репортер 7“, „Подкрепа“ и „Демокрација“. Објавила бројни написи на литературни и историски теми во списанијата и весниците – „Филозофска мисла“, „Родна реч“, „Софија“, „Општество и право“, „Литературен фронт“, „Литературен форум“, „Литературен весник“, „21 век“ „АБВ“, „Народна култура“ и други. Учествувала во научнизборницина универзитетите во Русе и Велико Трново. Сценарист на документарни филмови на БНТ: „Дијарбакирски заточеници“, „Во јамката на тишината. Змеј Горјанин“ (прва награда на фестивалот „Осма муза“ во 2006 година), „Потомци на Фичето“. Автор е на книгите: „Житие на Рилскиот чудотворец“ (2009), „Во прво лице“ (2013), „Вагата на иднината“ (2016 година), „Обол залодкаротХарон“ (2016) и „Кафене Бугарија “ (2017). Составувач и уредник на книгата „Спасувајќи ја надежта“наНевена Крапчева.

Впечатлива е нејзината книга “Гласови од под мразот“ (Гласове изпод леда) во која низ бројните “историски етиди“ (како што самата ги нарекува) се осврнува на животот и делото на бугарските творци и револуционери, истовремено беспоштедно критикувајќи го бугарското неумерено русофилство, а најмногу (дури и брутално) критикувајќи ја руската/советската империјалистичка политика кон Бугарија. Во книгата има цели “етиди“ за многу македонски револуционери и творци, меѓу кои и на, во Македонија релативно непознатиот, литературен критичар Јордан Бадев, по потекло од Битола.

Во главата “За националниот идеал-спојувачкиот свет дух на општото ни минато“, Радева говори за светиот празник Свети Дух, кој воедно е и денот на Македонија во Бугарија. Во инспиративна и прекрасно срочена статија, Радева говори за голготите низ кои поминуваат македонските бугари и целиот македонски народ, за тоа како турското ропство е заменето со српско, за конечно да проговори и за жртвите кои Македонија ги дава по 1944 година на фалшивиот олтар на југословенството и на Југославија/Србија како новиот окупатор на бугарскиот дух (и народ) во Македонија. Изнесени се фрапантни податоци за напорите за асимилација и србизирање на македонските бугари од страна на македонските власти по 1944 година. Покрај трагичната судбина на затворените на Голи оток, изнесен е и фактот дека од 1944 година, до 1980 година, во Македонија се водени над 700 политички процеси, кои завршиле со 220 смртни пресуди. Убиени или исчезнати без трага има над 23 илјади души, а неверојатна бројка од 180 илјади се раселени во Бугарија или во некои други земји во светот.

Но, како што рековме, ние слабо се познаваме. Во книгата се изнесени и мислењата на нашиот соработник Владимир Перев, кого Радева го поканила да го изнесе своето мнение. Од преписката може да се види различниот пристап кон проблемот и различните толкувања на настаните и личностите. Впечатлив е делот за Голи оток, каде Перев има сосема поразлично мислење за ликот и делото на Венко Марковски и за неговата судбина, како и за ликот на Панко Брашнаров.

Ако Перев и Радева, кои лично никогаш не се запознале, а секогаш имаат идентични мненија (кои ги објавуваат) за собитијата од 20-от век, не успеале да се разберат, како очекуваме Пендаровски и Радев, или Османи и Генчовска да се разберат. Да го проследиме текстот од книгатa. Еве што пишува Радева на стр. 177…

Во времето додека ја потготвував книгата за репресираните од комунизмот Бугари, посебно статијата во која што пишувам и за жртвите во Република Македонија, го замолив познатиот публицист и поранешен директор на телевизијата во Скопје г-н Владимир Перев, да ја прочита за да се осигурам дека не сум направила одредени фактографски грешки или недоречености. Тој љубезно ја прифати мојата мојата молба и не само што ја прочита, туку направи и важни дополнувања, кои се познати на многу мал број луѓе кај нас.

Токму затоа го објавувам писмото на г-н Перев целосно, а исто така и дел од појаснувањата, што тој ми ги испрати како додатни белешки, како одговор на поставените од мене прашања. Ја изразувам мојата длабока благодарност кон него заради помошта, што ми ја пружи и емпатијата, со која што ми пристапи.

Продолжува



Слични Објави