БЕКТЕШИ: НАД 120 КОМПАНИИ ДОБИЈА ПОДДРШКА ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЕКОНОМИЈА ЗА ПРЕТПРИЕМНИШТВО ЗА ОВАА ГОДИНА

Вести Истакнато Македонија

Министерот за економија Крешник Бектеши на прес конференција информираше за реализацијата на дел од мерките за поддршка на мали и средни претпријатија, како дел од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2018 година.

„Овие мерки имаат за цел да ги поттикнат фирмите во нивниот развој и конкурентност, па ако во втората половина од минатата година, со ребалансот на буџетот овие средства ги зголемивме за цели 180%, па претприемачите имаа на располагање солидна сума од 25 милиони денари, годинава таа поддршка ја зголемивме за дополнителни 60%, т.е. издвоивме 38 милиони и 390 илјади денари, а програмата ја збогативме со нови мерки, креирани на барање и во корист на претприемачите. Нашата цел беше што поголем број на мали и средни претпријатија да добијат можност да ги исползуваат средствата и да имаат бенефит од мерките. А бидејќи се тие основни двигатели на една економија, среќен сум што придонесуваме во раздвижување на економската база“, рече Бектеши.

Интересот за мерките беше огромен, а принципот на доделување на средства беше „прв дојден, прв услужен“.
Од 13-те мерки за Поддршка на развојот на мали и средни претпријатија најатрактивна беше мерката финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија за која беа издвоени и најмногу средства, и тоа 20 милиони денари, а максималниот износ на субвенција по фирма беше 5 илјади евра. Годинава 81 фирма доби средства, главно за набавка на опрема, алати или за проширување на со цел проширување на производството или дејноста. Со мерката субвенционирање на трошоци на занаетчии, за која беа издвоени вкупно 2,2 милиона денари, поддршка добија 19 субјекти, за женско претприемништво со обезбедените 2 милиона денари поддржани се 16 жени претприемачи, а за сертификација на системи за квалитет според ISO стандарди буџетот од 800.000 денари беше распределн помеѓу 12 фирми.

Како што соопшти министерот, ова воедно беа и мерките за кои јавните повици беа објавени најрано, т.е. во првата фаза и со кои вкупно 128 фирми добија поддршка. Во втора фаза беа објавени јавните повици за кофинансирање на проекти за развој и поддршка на МСП и промоција на претприемништвото, со буџет од 2 милиона денари, кофинансирање на програмски активности на мрежите на бизнис ангели (1 милион денари) и за купување на опрема, инструменти, алат од страна на фирмите кои ќе се користат исклучиво за обука на лица за стекнување на занимања во износ од 2,4 милиони денари.

„За овие средства од вкупен износ од 5,4 милиони денари јавните повици неодамна завршија, па во периодот што следи комисиите ќе ги разгледуваат апликациите, а во моментов активни се јавните повици за кофинансирање на проекти на занаетчиски комори и еснафи, за кофинансирање на трошоците за едукација на вработените лица, за поддршка за основање на 1 нов технолошки парк во рамки на универзитетите во Република Македонија, за покривање на дел од трошоците за одобрени проекти по ЕУ програмите COSME и за воведување и сертифицирање на ХАЛАЛ систем“, истакна Бектеши, додавајќи дека во тек е исплатата на средствата за поддршка на активностите на кластерите, за кои беа издвоени 5 милиони денари, додека јавниот повик за мерките од индустриска политика трае до крајот на овој месец, а на располагање беа 3,8 милиони денари, главно за фирмите од преработувачката индустрија.

Бектеши апелираше до компаниите да аплицираат и за тековните јавни повици, за преостанатите мерки со кои нашите мали и средни претпријатија ќе добијат помош во достигнување на што повисоко ниво на конкурентност и остварување на нивните предвидени деловни активности.

За фирмите кои ги исполнија условите од јавните повици, а не успеаја да добијат подршка поради брза релизација на средствата, министерот за економија охрабри дека доколку се создадат услови за добивање на дополнителни средства во случај на Ребаланс на буџетот, ќе имаат можност да ја добијат својата поддршка.