| |

Бугарската писателка и драматург Елена Алексиева ќе земе учество на 13-тиот Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“

На 21 септември со почеток од 20 часот во Даут-пашиниот амам во Скопје почнува 13-то издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“. Годинава дел од фестивалот се врвните автори од регионот, бугарската писателка Елена Алексиева, српскиот писател и поет Небојша Лапчевиќ и една од најпознатите словенечки писателки за млади читатели, Јана Бауер.

Од домашните автори, ќе се претстават – поетесата, романсиерка и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик, Лидија Димковска и Хана Корнети, писателка на проза и долгогодишна уредничка на академски и комерцијални текстови. На фестивалот ќе би присутен и лауреатот на наградата „Прозарт“ за 2025, најпреведуваниот словенечки писател и драматург, Евалд Флисар. Културниот настан ќе трае до 23 септември.

Во првата фестивалска вечер, Флисар ќе биде во друштво со Бауер, Алексиева, Лапчевиќ, Димковска и Корнети. Со нив ќе разговараат Александар Прокопиев и Владимир Јанковски. На вториот фестивалски ден (22 септември) ќе има средба за вмрежување помеѓу издавачите и традиционалната средба на членовите на програмата „Скопје фелоушип“ со претставници на Македонската асоцијација на издавачи. Вечерта од 18 часот во „Буква“ ќе се одржи промоција на книга од Јана Бауер во организација на „Артконект“. Оваа вечер завршува со традиционалната тркалезна маса во која учествуваат авторите гости на фестивалот, од 20 часот во Европска куќа Скопје, годинава на тема „Војни, вештачка интелигенција, литература“ и ја модерира Владимир Јанковски.

Наградата „Прозарт“, што фестивалот по 13. пат ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, ќе му биде врачена на словенечкиот писател Евалд Флисар на затворањето на фестивалот на 23 септември од 20 часот во Даут-пашин амам. На завршната вечер, Флисар ќе се обрати пред присутните, а писателите ќе читаат извадоци од своите дела.

Организатор на „ПРО-ЗА Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје.

Бугарската писателка и драматург Елена Алексиева е родена на 12 април 1975 г. во Софија. Дипломирала на Прва англиска јазична гимназија, има магистерска диплома по меѓународни економски односи од УНСС и докторска титула по семиотика и литература од Нов бугарски универзитет. Автор е на поетски збирки, романи, збирки раскази, драми и книги за деца. Меѓу поважните нејзини дела се романите „Сината скала“ (2001), „Витезот, ѓаволот, смртта“ (2007), „Таа е тука“ (2009), „Нобеловецот“ (2011) и „Свети Волк“ (2018). Нејзините драми, како „Терапевтот“, „Глас“ и „Мадам Мишима“, се изведувани на водечки сцени и добиваат престижни награди. Нејзините книги се преведени на повеќе јазици. Меѓу нејзините признанија се наградите „Хеликон“ (2006), „Аскеер“ (2013), „Икар“ (2015), Националната литературна награда „13 века Бугарија“ (2019) и „Перото“ (2021).

Слични Објави