Бугарија не може да биде одговорна за депортацијата на Евреите од германската административна област Македонија

//

Пишува: Силвија Авдала

Колумната на главниот уредник на софискиот весник „24 часа“ Борислав Зумбјулев со наслов „Бугарија да се извини за администрацијата на Македонија за време на Третиот рајх“ продолжува да предизвикува реакции во Бугарија, иако прашањето за стартот на преговорите на РС Македонија со ЕУ веќе е решено.
Софискиот дневен весник „24 часа“ го објави следното писмо од Силвија Авдала од Израел. Авдала е историчар, претседател на Независното историско друштво, истражувач на оваа тема. Писмото се објавува во целина:



Почитуван господине Зумбјулев,
Како истражувач на темата за спас на бугарските Евреи, не се согласувам со вашиот став, но го поздравувам активирањето на темата во весникот „24 Часа“.
Бугарија не треба да се извинува за депортацијата на македонските и беломорските Евреи, ниту е потребно да плаќа некакви оштети. Она што навистина го должи Бугарија, сепак, е објаснување за статусот на нејзиното присуство во таканаречените „ново припоени земји“ за време на Втората светска војна.

Господине Зумбјулев, ве потсетувам дека сте од Силистра и знаете како Јужна Добруџа станала составен дел на бугарската државна територија во 1940 година. Во тоа време во Силистра имало 1.850 Евреи. Сите заедно со останатите жители добиваат бугарски пасоши. Тоа не е случај со Македонија и Беломорието. Германија беше суверен на овие земји до крајот на војната. Кога Бугарија ги прима за администрација, тие се „бугарска окупациска зона во германскиот административен регион Македонија“. Бугарските административни власти во овој период немале механизам, како да ја спречат Германија да го преместува еврејското население од една област на нејзината територија во друга. А дали тогашното месно население ја прифатило бугарската војска и администрација како окупатори, се гледа од зачуваните филмски проекции на „Бугарско дело“. Тие видео ленти ја запечатиле извонредната радост и ентузијазам од влегувањето на бугарските трупи во Битола, Скопје, Охрид и во други места. Снимката од македонска свадба во Прилеп, каде градоначалникот на младенците им подарува портрет на цар Борис Трети, би требало да му е позната на секој еден бугарски или македонски историчар.

Тезата за т.н „Бугарската вина“ најпрвин ја активира бугарската држава, во лицето на Државната безбедност, за време на судскиот процес „Бекерле“, кој започна во Франкфурт во 1967 година, по речиси 9-годишна истрага. Поранешниот германски амбасадор во Софија (од периодот 1941-44) Адолф Хајнц Бекерле е обвинет за организирањето на депортацијата на Евреите од Беломорието и Македонија, Пирот и Солун. Случајот има вкупно 68 рочишта – во Германија, Бугарија и Израел. Сослушани се 90 сведоци, а приложените материјали бројат 80.000 страници. Во текот на судењето, за организирање на депортацијата бил обвинет и сведокот Фриц фон Хан – поранешен секретар на легацијата. Со испраќање заеднички тужители и приложени документи во Франкфурт, Бугарија прави очајни обиди да го осуди сопствениот поранешен политички режим преку случајот Бекерле. Во време кога ни Сојузна Република Германија и Бугарија немаат дипломатски односи, бугарското учество во процесот е обид да се легитимираат пресудите на Народниот суд.
Случајот завршил во октомври 1968 година. без пресуда за Бекерле, кој поради болест не можел да биде присутен во салата. Фриц фон Хан е осуден на 8 години затвор. Во судската одлука се вели дека „депортацијата била производ на повеќе дејствија на највисокиот државен врв на Германија, но што се однесува до Бугарија – немало друга земја што презела толку решителни дејствија против Хитлерова Германија“.

Интересно е што македонските обвинувања се однесуваат само на бугарската администрација од тој период. Тие никогаш не се насочени против т.н примарен окупатор – Германија. Тие не се насочени ниту против поранешната југословенска влада, која ги уништила повеќето македонски документи поврзани со Втората светска војна.
Затоа, мислам дека е крајно штетно што обидите да се објаснат нашите односи со Македонија се сервираат со клишеа. Тие мора да бидат темелно историски истражени и поткрепени со документи – истражувања кои секогаш ќе носат придобивки, повеќе од шупливи протоколарни изговори и каква било финансиска компензација.

Претходна статија

Ѓукановиќ: „Отворен Балкан“ ќе ги уништи Црна Гора, РС Македонија, Koсово и Босна и Херцеговина

Следна статија

Неколку десетици луѓе протестираа пред амбасадата на Република Бугарија во Скопје

Најново од Истакнато

Последниот атентатор (8)

Спомени на Крсто Петрушев (1913-2007) од Богданци, припадник на ВМРО, запишани од Владимир Перев. На почетокот