| |

Историјата не започнува со објава на Фејсбук- историјата започнува со ризик

Илиja Стојановски

На денешен ден, 13 јануари 1928 година, Мара Бунева го убива Велимир Прелиќ во центарот на Скопје. Таа го застрелува на Стариот камен мост над реката Вардар по наредба на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО). Прелиќ е српски правник, одговорен за судските процеси и мачењата врз студентите – дејци на Македонската младинска тајна револуционерна организација.

Откако го извршува атентатот, Мара Бунева се застрелува во градите за да не биде фатена и умира од раните наредниот ден – 14 јануари 1928 година.

По тој повод, откако со години читам пофалби на интернет од одредени лица, не можам а да не го напишам следново:

Кога повторно се спомнува името на Мара Бунева, мора да се каже нешто што со години свесно се премолчува. Првата спомен-плоча во нејзина чест во Скопје не беше поставена ниту од институција, ниту од партија, ниту од организација. Ја поставија двајца луѓе – мојот татко, Јован Стојановски, како иницијатор, и Благој Велинов.

Тоа се случи во 1999 година – време во кое ваквите иницијативи не носеа јавни пофалби, туку реален ризик. Плочата беше поставена, а кратко потоа – скршена. Наместо да се откаже, следната година татко ми намерно изработи десет плочи. Секојпат кога една ќе беше уништена, по извесно време на истото место се појавуваше нова. Тивко, упорно и без камери.

Тогаш јас имав 14 години. Додека денес многумина објавуваат „храбри“ фотографии на Фејсбук со метални плочи, а во тоа време ги чуваа своите деца дома, татко ми ме носеше со себе. (Колку прекори добиваше од мајка ми затоа што ме носи со него – само јас знам.) Со него мешав цемент, помагав и бев непосреден сведок на сè што се случуваше. Не учев од раскажувања, туку од дела.

Дали бил луд или патриот, или можеби луд патриот – секој нека процени сам. Но едно е сигурно: во тие мрачни времиња тој знаеше дека, ако ние не го направиме тоа, никој нема да го направи. Мора јасно да се каже и ова – 1999 година не беше 2015 година. Тоа не беше време на власт, заштита и „безбедни“ национални позиции, какви што постоеја во времето на Никола Груевски. Тогаш ваквите постапки можеа скапо да се платат. Иако тогаш на власт беше ВМРО-ДПМНЕ на Љубчо Георгиевски, удбашките структури сè уште постоеја како остаток од СФРЈ.

Овој текст не е напишан за внимание, туку за признание. Признание за двајцата што го започнаа она што денес многумина си го присвојуваат. За ктиторите на оваа иницијатива. За луѓето што го отворија патот денес другите да се фалат без страв.

Иронијата е болна. Јас, израснат во овој дух, не добив државна работа поради своето национално чувство, додека децата на оние што се криеја и „се заштитуваа“, подоцна беа вработени во државни институции. Јас бев таму – мешав цемент, носев плочи и бев сведок.

Затоа – проценете сами.

Но не заборавајте ги имињата: Јован Стојановски и Благој Велинов.

Историјата не започнува со објава на Фејсбук.
Историјата започнува со ризик.

Најголемата панихида беше организирана во 2002 година од мојот татко, Благој Велинов, Раде Велинов и Мирослав Ризински.

Слични Објави