| |

ОТВОРЕНИ ЛИСТИ – ШВЕДСКА ДЕМОКРАТИЈА

Неодамна прочитав текст во медиумите за шведската демократија, во кој ударна беше изјавата на еден Швеѓанец: „Јас сум тој кој што ги плаќа политичарите, и не гледам причина зошто да им овозможувам луксузен живот.“ Во текстот, меѓу другото, се вели:

„Шведска не им нуди никаков луксуз или привилегии на своите политичари. Шведските министри и парламентарци патуваат во преполни автобуси и возови, без службени автомобили или приватни возачи, исто како и граѓаните кои ги застапуваат.
Шведските пратеници немаат право на пратенички имунитет, и може да им се суди како и на секоја друга личност.
Шведските политичари кои ќе се осмелат да потрошат јавни пари за патување со такси, наместо да се возат со јавен превоз, завршуваат на насловните страници во весниците. Дури и претседателот на парлементот добива картичка за користење на јавниот превоз.
Никој во јавната администрација не заработува голема плата: платите на членовите на шведскиот парламент се околу два пати поголеми од оние на наставниците во основно училиште.
Шведска е општество кое избира политичари кои мора да бидат во контакт со секојдневните проблеми на граѓаните. На политичарите не им е дозволено своите лични интереси да ги ставаат над општите.
Судиите и функционерите немаат право на службени возила, секретарки или привилегии.
Оние кои се на власт можат да бидат повикани на одговорност, а сите информации мора да бидат достапни за јавноста.
Во Шведска во секој момент можат да се следат трошоците на министрите, пратениците и судиите, началниците на полицијата или на врховниот командант на вооружените сили, и да се следи како јавните институции го трошат данокот што го плаќаат граѓаните.
За нешто повеќе од 100 години Шведска, од сиромашно земјоделско општество, се претвори во една од најбогатите, социјално најправедни и најмалку корумпирани земји во светот, каде што никој не е над другите.“

Потоа дојдов до податокот дека во ЕУ пропорционалниот изборен модел е застапен во 20 од вкупно 28 земји, од кои со отворени изборни листи се 17 земји, меѓу кои и Шведска, а со затворени листи се Италија, Шпанија и Португалија.
И покрај тоа што политичарите во тие 17 земји, каде што изборниот систем е со отворени изборни листи, не живеат луксузно, немаат посебни бенефиции, постојано се под надзор на јавноста, па дури немаат ниту пратенички имунитет – тие сепак максимално се ангажираат и даваат сѐ од себе за развој на државата и за општото добро, при што државата јакне – а тие се среќни во неа. И луѓето од другите држави, па и од Македонија, кои доаѓаат таму да живеат и работат – лесно се прилагодуваат кон државниот систем затоа што е праведен, човечки и нуди сигурност за сите. Луѓето доаѓаат од земји каде што има затворени изборни листи, од авторитарни земји каде што главниот збор го имаат политичарите на власт и мафијата – и не го пренесуваат тој систем таму, туку бегаат од него и го прифаќаат државниот систем со отворени изборни листи. Каде е тука тајната?
Се е очигледно, и за тоа веќе пишував. Тајната е во функционирањето на изборниот систем со отворени изборни листи, каде изборната моќ од рацете на лидерите се префрла таму каде што и природно припаѓа – кај граѓаните. Злоупотребувајќи ги затворените листи лидерите и мафијата го злоупотребуваат државниот систем за лична корист – додека државата тоне, а со неа и државниот систем, институциите, и граѓаните со него. Толку е очигледно дека лекот и спасот е – воведувањето на отворените изборни листи, изборниот систем кој, согласно човечката природа, најдобро функционира.

Мала анализа: Во земјите со затворени изборни листи изборната моќ е кај лидерите на партиите, тие ги полнат изборните листи со лојални и послушни луѓе, нека се и со највисоки дипломи, и овие се ориентирани пред се да ги задоволат интересите на лидерите, на кои им должат. Затоа таму државите имаат авторитарни режими, кои владеат со граѓаните. Во земјите пак со отворени изборни листи мислењето на граѓаните е најважно за тоа кои политичари и на кое место ќе бидат ставени на изборните листи, па затоа политичарите најмногу ги интересира мислењето на граѓаните, и им служат ним. Затоа таму не е пресудно кој ќе биде премиер, министер, пратеник, таму нема незаменливи. Политичарите не работат во интерес на лидерите или пак на мафијата, која ја има секаде, туку во интерес на граѓаните. Затоа таму политичарите имаат срам и обзир, дека и граѓаните работат за плата како и тие, и затоа имаат исти плати. А ако на некој не му се допаѓаат примањата во политиката – веднаш на негово место може да дојде друг патриот, кој сака да и служи на татковината. Секој е лесно заменлив – па и премиерот, зошто во организирана држава се е стандардизирано и организирано, и ништо не зависи само од личните квалитети или од волјата на поединци.

И уште една информација во медиумите ми го привлече вниманието – дека Светската здравствена организација јавно го пофали шведскиот начин на справување со пандемијата со коронавирусот, иако меѓународната јавност ја критикуваше земјата заради благите мерки.

Во Шведска политичарите се потпреле на нивниот однос кон граѓаните, односно на свеста кај граѓаните да држат физичко растојание, на партнерството со граѓаните. Најпознатите светски стручњаци дури велат и дека шведскиот модел е модел на иднината.
Од друга страна, во земјите каде системот е со затворени изборни листи, како Италија и Шпанија, пандемијата со коронавирусот имаше најлоши показатели и беа прогласени за жаришта на пандемијата. Дали мислите дека тоа е случајно?


Моето мислење е дека во државите со отворени изборни листи политичарите, кои имале чест да бидат избрани да им служат на граѓаните, реално ја согледале опасноста од коронавирусот и мерките за справување со него, па донеле само препораки за одржување на поголема хигиена и држење на потребната социјална дистанца, не го запреле економскиот живот – и затоа имаат најмал број на заболени. Затоа таму економиите на државите ќе имаат и најмали загуби.
За разлика од нив, авторитарните и мафијашки држави со затворени изборни листи ја прифатија играта за лажно пумпање на бројот на заразени и, пред се, починати од коронавирусот, за делумно запирање на економијата и ставање на граѓанството во пасива и под контрола (зборот „контрола“ е клучен во авторитарните системи). За да можат потоа сите финансиски проблеми кои ги имаат овие држави да ги покриваат со оправдувањето: економијата во сите држави, па и на нашата, падна заради пандемијата, но уште и добро поминавме – зошто да беше опозицијата на власт наместо нас…


Секој со својата вистина и сфаќања, но за мене ова е само уште една потврда дека во Македонија треба што поскоро да се промени изборниот модел и да се воведат отворените изборни листи. Со нивна помош, со слободна мисла и со љубов кон нашата татковина, што поскоро да ги започнеме преговорите со ЕУ и да ги воведеме европските стандарди кај нас, за што повеќе да се приближиме до Шведска. Да се увериме дека не е до луѓето таму и до нивната култура, туку дека е до државниот систем кон кој нашите луѓе во Шведска така лесно и добро се вклопуваат.


Затоа на следните избори, кога и да се, масовно да гласаме за партиите кои нудат итна промена на изборниот систем и воведување на отворените изборни листи, за сонот за најголемите европски демократии што поскоро да стане реалност и во Македонија. А ако ние и немаме многу време за да ја чувствуваме користа од овие промени – барем да направиме користа да ја чувствуваат нашите деца и идните генерации македонци – во Македонија. Поголем патриотизам од ова – здравје .

Автор: Елизабета Најдоска Величкова

Слични Објави