ОСМАНИ: МЕДИУМИТЕ САМИ ЌЕ ОДЛУЧУВААТ КАКО ЌЕ ИЗВЕСТУВААТ
Владата се надева на добра соработка со медиумите особено во овој предизборен период, а доколку има недоразбирање меѓу нив тоа треба да се реши преку дијалог и консултации.
Ова го истакнаа вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги Зоран Трајчевски, одговорајќи на новинарски прашања на денешната прес-конфернеција во врска со бојкот на медиумите на активностите на владините функционери.
Според Османи, прашање на медиумите е како ќе известуваат и дали ќе присуствуваат на активностите, но потенцира дека Владата се обидува максимално да биде во коректни односи со медиумите и со регулаторот.
-Веројатно ќе има некаква комуникација меѓу институциите во овој дел, меѓутоа не би сакал како претставник на Владата да се мешам во медиумите да дадат од тоа што го правиме ние како активност. Мислам дека е во јавен интерес ова што го правиме, меѓутоа нивно е правото како ќе ги претставуваат тие настани. Се надеваме на добра соработка особено во овој предизборен период кога граѓаните сакаат да ги видат ставовите на сите учесници во овој политички натпревар за да можат да донесат соодветна одлука за наредниот мандат, изјави Османи.
