Османи на средба со германска парламентарна делегација
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари средба со германска парламентарна делегација, предводена од пратеникот Јосип Јуратовиќ, кој воедно е и претседател на парламентарната група во германскиот Бундестаг за соработка со земјите од Југоисточна Европа.
Во фокусот на средбата беа билатералната соработка и односите меѓу двете земји, особено во контекст на важната германска поддршка за европската интеграција на нашата земја.
„Високо ја цениме континуираната поддршката на Сојузна Република Германија за евроинтегративниот процес на Северна Македонија, што е од особено значење за целокупната регионална стабилност и видлив прогрес”, истакна Османи, воедно брифирајќи ги соговорниците за актуелните предизвици со кои се соочува земјата на патот кон полноправно членство во ЕУ и вложените напори на Владата за обезбедување на европска иднина на земјата.
Од страна на германските парламентарци беше поздравена конструктивната улога на Северна Македонија во унапредувањето на европската безбедност и стабилност, како доскорешен претседавач со ОБСЕ. Позитивно беше оценет и придонесот на нашата земја во регионалната соработка во насока на ЕУ интеграцијата, уверувајќи дека поддршката на Германија ќе продолжи засилено и во следниот период.
Се разменија мислења и за актуелни европски и регионални надворешно-политички прашања.