| |

ОСМАНИ ВО ПОСЕТА НА УКИМ: СО ЕВРОПСКО ЗНАЕЊЕ ДО ЕВРОПСКАТА ПРЕСТОЛНИНА

Заменик претедателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи денес го претстави проектот „Со европско знаење до европската престолнина“ пред студентите од економскиот и правниот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
„Проектот „Со европско знаење, до европската престолнина“ го отпочнавме обидувајќи се на некој начин да ја доближиме атмосферата и активностите врзани за европските интеграции и нашата работа во Брисел – до идните потенцијали на земјава – студентите, имајќи предвид дека тие ќе треба во иднина да го преземат на себе процесот на европски интеграции, и воопшто, процесот на трансформација на нашата земја со земјите-членки на Унијата“, истакна Вицепремиерот Османи.

„Со тоа секако очекувам да се создаде и основа или потенцијал за овие млади луѓе утре да станат дел и од европските институции на Република Северна Македонија, наши претставници во Брисел, во Стразбур, во Берлин – каде што соодветно ќе треба ја претставуваат нашата земја во Европската Комисија, во Европскиот парламент, во Европската централна банка итн.“, додаде Османи.

Во продолжение, Вицепремиерот Османи посочи дека во овој период преговорите со ЕУ се на дофат и изрази увереност дека оваа година Република Северна Македонија ги почнува преговорите со Европската Унија, а вклучувањето на сите слоеви од општеството, вклучувајќи ги тука студентите, како една од клучните категории, се важен елемент во подготовката на општеството за предизвиците кои претстојат, со преговорите и трансформацијата која со тоа ѝ следи на државата, согласно европските правила, стандарди и вредности.



Слични Објави