Осум универзитети во Софија се обединуваат во иновативната програма „GEN I: Генерација иновација“
Ректорите на осум државни високообразовни установи, денеска потпишаа меморандум за партнерство за третото издание на „GEN I: Генерација иновација“ – единствената образовна програма од ваков вид во Бугарија, која обединува студенти од различни универзитети, студиски програми и професионални области во интердисциплинарни тимови, пренесува БТА.
Потпишувањето се одржа во салата „Тех арена“ на Техничкиот универзитет во Софија.
Студентите ќе работат на реални деловни случаи со поддршка од искусни ментори и ќе ја користат методологијата Design Thinking за да создадат иновативни и практично применливи решенија.
Иницирана од Schwarz Digits Bulgaria, „GEN I: Генерација иновација“ започна пред две години во Варна, продолжи со второто издание во Пловдив, а оваа есен доаѓа во Софија во својот најголем формат досега. Во иницијативата се вклучуваат осум државни високообразовни установи и седум деловни партнери – водечки компании од различни сектори. Третото издание на програмата се организира под покровителство на министерот за образование и наука, проф. Георги В’лчев.
Меморандумот за партнерство го потпишаа ректорите на Медицинскиот универзитет во Софија, Националната ликовна академија (НХА), Софискиот универзитет (СУ) „Св. Климент Охридски“, Техничкиот универзитет (ТУ) во Софија, Универзитетот за национално и светско стопанство (УНСС), Универзитетот за архитектура, градежништво и геодезија (УАСГ), Хемиско-технолошкиот и металуршки универзитет (ХТМУ), како и проректорот на Националната академија за театарска и филмска уметност (НАТФИЗ) „Крстјо Сарафов“, проф. Пенко Господинов.
Во софиското издание околу 40 студенти ќе бидат распределени во седум мултидисциплинарни тимови, кои во текот на три месеци ќе работат на седум реални деловни предизвици поставени од седумте партнерски компании. Учесниците ќе поминат низ структуриран иновациски процес – од истражување и анализа на проблемот, преку создавање и развивање идеи, до изработка на прототипови. Методологијата е инспирирана од програма на Универзитетот Стенфорд, а во текот на целиот процес студентите ќе работат со ментори од различни индустрии. На завршниот настан во февруари 2027 година, тимовите ќе ги претстават своите решенија пред жири, а најдобриот проект ќе освои награда од 5.000 евра.
Пријавувањето е отворено онлајн на geni.bg до 26 октомври за студенти од сите студиски програми и од сите државни високообразовни установи во Софија, без оглед дали нивниот универзитет е меѓу официјалните партнери. Учеството е бесплатно.
Ректорот на ТУ – Софија, проф. Георги Венков, рече дека програмата ги обединува претставниците на деловната и на академската заедница за да им помогнат на младите да ги претворат своите идеи во реалност. Денес се обединуваат осум универзитети, кои образуваат студенти во најразлични области на високото образование и во над 30 професионални области, за нивните студенти заедно да учествуваат во мултидисциплинарните тимови на образовната програма, истакна тој.
Ректорот на Медицинскиот универзитет во Софија, проф. Бојчо Ланџов, рече дека за универзитетот со кој раководи е чест и задоволство да учествува во оваа иницијатива. Среќен сум што толку многу студенти од Медицинскиот универзитет во Софија покажуваат интерес да се вклучат во програмата, додаде тој.
Ректорот на НХА, проф. Георги Јанков, и проректорот на НАТФИЗ, проф. Пенко Господинов, исто така им се обратија на студентите со поздравни зборови. Честитки упати и раководството на ХТМУ.
За мене е огромно задоволство што Софискиот универзитет се приклучува кон оваа иницијатива, бидејќи таа означува нов почеток во нашето образование, а имаме потреба да работиме тимски. Целта е да можеме да ги решаваме сложените задачи со кои се соочуваме во секојдневието, рече ректорката на СУ, проф. Елиза Стефанова, и изрази уверување дека оваа програма е поврзана со иднината на образованието.
Ректорката на УАСГ, доц. Гичка Кутова-Каменова, рече дека е горда што Универзитетот за архитектура, градежништво и геодезија веќе има 85-годишна традиција и образува квалитетни кадри. Тимската работа и работата во интердисциплинарни тимови се традиција на нашиот универзитет, а сега, преку оваа програма, нашите студенти ќе соработуваат со студенти од други професионални области, додаде таа.
Ректорот на УНСС, проф. Димитар Димитров, рече дека верува оти современото високо образование треба да нуди не само знаења, туку и можности за нивна практична примена. Денес на сите ни се потребни млади луѓе кои умеат критички да размислуваат, да работат во тим, да наоѓаат решенија за сложени проблеми и да ги претвораат добрите идеи во конкретни резултати, истакна тој.
На настанот учествуваше и претседателката на Националниот гранков синдикат „Високо образование и наука“, проф. Лилјана В’лчева.
Парламентарниот секретар на Министерството за образование и наука, Радослав Христов, ги поздрави организаторите и учесниците во иновативната програма во име на министерот за образование и наука, проф. Георги В’лчев. „Ова е иницијатива која ги обединува претставниците на високообразовните установи, деловната и студентската заедница во стремежот кон развој на знаењата, практичните вештини и иновативното размислување“, се наведува во поздравното обраќање на министерот за образование, прочитано на настанот.
