|

Панделевски: Не е проблем да се спогодам и јас за „Империја“, но прво Обвинителството нека каже дека сум невин

Сопственикот на „Пелистерка“ Цветан Панделевски, преку допис до „Макфакс“ со обрати на јавноста во врска со случајот „Империја“. Во обраќањето тој порача дека не е проблем да се спогоди за случајот, но прво Обвинителството да каже дека е невин.

Дописот го пренесуваме во целост:

„Ова е мое прво и последно обраќање кон Македонската јавност. Не ми било својствено во мојата три децениска кариера како стопанственик да бидам јавно експонирање. Мојот фокус беше на работата градењето на моите компании и најверојатно најголемиот национален трговски бренд „Пелистерка“ и се разбира здравјето на моето семејство.

Која е причината за ова мое обраќање?

Изминатава година речиси секој ден добивам прашања од блиски пријатели, но и од луѓе кои не ме познаваат. Сите тие ме прашуваат:

„Добро Цветан, другите двајца Мијалков и Камчев се спогодија со обвинителката Лиле Стефанова си платија признаа вина и завршија со обвинителниот акт зошто ти не го направи тоа?“

Одговорот ќе го дадам пред целата јавност.

Затоа што сум невин немам направено никаков криминал. За што да се спогодувам.

Нема да навлегувам во туѓи аргументи, нема да обвинувам други обвинети. Но, бараме јасен одговор од страна на обвинителката Лиле Стефанова. За кое дело од обвинителниот акт сега ќе ме гоните мене што јас сум направил кога вие со спогодбиатe која ги направивте и ги покривте 80% побарувања од вашето обвинение. Еве линк јавно сте го поставиле:

Постигнати спогодби за дел од предметот „Империја“

Овде вие самите сте потпишале спогодба со која сте се договориле. Не разбирал што јас сум сторил ?

Со цел да останам достоен на мојот збор и да ги изнесам аргументите без да има потреба повторно јавно да се изјаснувам ги упатувам следниве прашања на адреса на Обвинителката Лиле Стефанова.

1. Обвиненувате за Злоупотреба на службена положба и Измама и во истиот обвинителен акт сами кажувате дека „тие активности не се случиле“.

2. И, не само што според вас не се случиле туку и според потенцијално оштетениот во предметот имате изјава во која „измамената“ Кираца Трајковска самата за мене кажува дека никогаш во нејзиниот живот ниту се видела ниту разговарала со мене.

3. Понатаму врз основа на овие две според вас Кривични дела кои пак според вас сум ги сторил, ама не се случиле, ме теретите за трето Кривично дело – перење пари. Кои пари сум ги перел кога за претходните Кривични дела сами укажувате дека не се случиле.

4. Да заклучам констатирате самите ги имате сите изјави од кои е јасно дека за ниту едно Кривично дело за кое сум обвинет нема штетно дејствие.

5. Во сите делови на Обвинителниот акт каде ме посочувате мене немате опис на било какво штетно дејствие сторено од моја страна.

6. Наместо заклучок – делата за кои ме обвинувате не се кривични дела, отсуствува опис на противправно дејствие.

Исто така сакам да ги посочам и следниве процесни недоследности.

1. Обвинението е поднесено без да се спроведе истрага од надлежен обвинител, односно истрагата е спрорведена по наредба на неовластено обвинителство. За појаснување на јавноста, наредбата за истрага е донесена на ден 18.11.2018 година, а надлежноста за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите беше 18 месеци од денот на преземањето на предметите. Тој рок истече на 30.06.2017 година. Во таа насока има и начелно правно мислење на Врховниот суд на РСМ од 30.01.2019 година;

2. Недопустиво е изведување на докази прибавени неовластено – доказите прибавени од обвинителката Лиле Стефанова се прибавени со кршење на правото на одбрана и правото на правично судење, бидејќи сите истражни дејствија се преземени без мое учество и учество на моите бранители;

3. Пречекорени се сите законски рокови во кои требало да се покрене обвинение- максимален период на траење на една најсложена истрага е 21 месец, во случајов максимално требало да заврши на 08.08.2020 година. После тоа ако не е завршена или треба да запре или треба да се поднесе обвинение. Ниту едното, ниту другото не беше направено, туку продолжи да презема наводни истражни дејствија и да „ме присилува“ на спогодба по истекот на сите рокови;

4. Обвинението е поднесено после 8 месеци од преклузивниот предвиден рок, ваков парадокс немало во Македонското судство.

5. Изведено е вештачење на Економски факултет од лица кои немаат лиценца за судски вештак- двајца профсори од Правниот факултет учествувале во негово изготвувае, а немале лиценци. Дополнително, од кога тоа во македонскотото правосудство се воспоставува пракса правници да учествуваат во економско вештачење и да даваат свои ставови за правни прашања, за кои само судот може да одлучува?

6. И после известувањето за завршена истрага на ден 26.04.2022 година, преземени се истражни дејствија од обвинителката и тие докази се составен дел на листата на докази која сте ја доставиле до судот. Апсолутно незаконско постапување!

Целиот живот придонесувам во економско општествениот живот во Македонија, се што сме заработиле сме инвестирале повторно дома, никогаш не сум се соочил со било какви обвиненија кон мене ниту пак не дај боже судски процеси до овој момент.

Моите години ми даваат за право да го бранам мојот став и немање вина, јас не можам да правам спогодби кога знам дека сум целосно невин, дека конструкцијата во обвинителниот акт на обвинителството е целосно неоснована во правен смисол, и убеден сум дека судот истата ќе ја препознае.

Врз основа на тоа, идните обвинители ќе имаат можност да учат како не треба да работаат. За мене правдата, значи и слобода, а слободата е право дадено од Господ. Со никакво дејствие на било кој, не може да се одземе неосновано.

Алберт Ками кажал: „ Ако човекот не успее да ги помири правдата и слободата, тој не успева во сè.“

Очекувам дека Основниот кривичен суд ќе го прифати приговорот на мојот

адвокатски тим.

Очекувам да бидам прогласен за невин.

Мојата единствена спогодба е мојата чест“, наведува Панделевски во дописот.



Слични Објави