Пендаровски-Галовеј: Македонско-британските односи се во постојана нагорна линија

/

Британската амбасада во Скопје вчера во градината на Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски беше домаќин на прославата на врските на пријателство, разбирање и почит меѓу Обединетото Кралство и Македонија, како и да се одбележи 70-годишната служба на Кралицата Елизабета Втора.

– Македонско-британските односи се во постојана нагорна линија од нашата независност до денес. Од одбранбената соработка, сега и како сојузници во НАТО, политичката и институционалната соработка, па сѐ до културните и образовните врски развиени преку нашите граѓани. Бележиме скоро три децении одлични релации, а Британија е долгогодишен партнер во нашите реформи и поддржувач на нашите стратешки цели за евро-атлантска интеграција, напиша претседателот Пендаровски на својот фејсбук-профил.

Одбележувањето на 70 години служба на Кралицата со прием во Кабинетот на претседателот во нејзина чест, наведува Пендаровски, е доказ за пријателството и блиските билатерални врски меѓу Македонија и Британија.

– Оваа година одбележуваме 70 години служба на Нејзиното Величество Кралицата Елизабета Втора. Кралицата владее подолго од кој било друг монарх во британската историја и стана многу сакана и почитувана личност низ целиот свет. Таа е и најистакнатиот дипломат во Обединетото Кралство, кој ги зацврстуваше старите односи и градеше нови врски, истакна во својот говор на прославата британската амбасадорка Рејчел Галовеј.

Амбасадорката Галовеј рече дека долгогодишните билатерални односи меѓу Обединетото Кралство и Македонија продолжија да ги зајакнуваат и ги одразуваат нашите заеднички вредности и цели, како и соработката меѓу нашите институции, нашите парламенти, нашата војска и нашиот народ.

– Ова ќе биде мојот последен говор за овој национален ден тука. Еден дипломатски мандат не е доволен за вистински да се запознае една земја. Нема доволно време да се постигне сѐ што може да се постигне дури и кога споделуваме исти цели, исти предизвици и грижи. Но, дури и во краткото време што бев тука, имав толку многу среќа да посведочам на навистина драматични и храбри промени, посочи Галовеј.

Гледав, додаде таа, како Македонија станува 30-та членка на НАТО. За да ја обезбедиме безбедноста и одбраната на сите наши сојузници, според амбасадорката, треба да продолжиме да работиме заедно за да се осигураме дека европската стабилност не може и нема дополнително да биде поткопана.



– Обединетото Кралство ќе продолжи да ја поддржува Македонија и да ја приближува до посигурна, постабилна и попросперитетна иднина во срцето на евроатлантската заедница, нагласи Галовеј.

Амбасадорката посочи дека Македонија е лидер во регионот и носи тешки одлуки за климатските промени и животната средина.

– Посведочив и на зајакнувањето на нашите трговски односи со новиот Договор за партнерство за трговија и соработка. Обединетото Кралство останува еден од главните странски директни инвеститори во земјата благодарение на инвестициите на британските компании како Џонсон Мети, рече Галовеј.

Извор: zoom.mk



Претходна статија

МТСП: Во понеделник почнува исплатата на мајските пензии, со дополнителни 1000 денари финансиска поддршка

Следна статија

Бензинот поскап за 40 отсто за странците во Унгарија

Најново од Вести