ПЕНДАРОВСКИ: ЛОБИРАМЕ ДО ПОСЛЕДЕН МОМЕНТ, НЕМАМЕ ДРУГА ОПЦИЈА ОСВЕН ЕУ
Претседателот Стево Пендаровски денеска изјави дека државниот врв лобира до последен момент да се добие датум за преговри и формулација која ќе ги вреднува напорите на земјата во изминатиот период. Конечната одлука на ЕУ би требало да се знае утре попладне, но и во случај на негативна одлука, шефот на државата смета дека евроитеграцијата останува единствена опција за Македонија.
„Се прават последни дипломатски напори од наша страна бидејќи работата не е завршена. Денеска почнува состанокот на лидерите на ЕУ што ќе трае и утре. Проширувањето е на дневен ред утре околу пладне кога треба да се донесе формална одлука. Се прават последните напори околу формулациите кои ќе бидат употребени. Во овој момент јас не би одлел со сигурен став дека ќе биде ригидно одбиено нашето барање за почеток на пристапните преговори затоа што и премиерот Заев и министрите Османи и Димитров и јас лобираме до последен момент да добиеме формулација која навистина ќе ги вреднува нашите напори во изминатиот период“, изјави Пендаровски по посетата на кумановската касарна.
