Пендаровски: На Западен Балкан не му е потребен политички симболизам, туку конкретна политичка одлука
Европската унија мора да покаже поголема грижа за регионот. На претстојниот декември Европскиот Совет има можност да донесе одлуки за побрза интеграција на Западен Балкан, наместо да го одложува тоа прашање за по европските избори, порача претседателот Стево Пендаровски, на Регионалната конференција „Интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ-предизвици и перспективи”, што се одржува денеска во Скопје, во организација на Подгоричкиот клуб и Универзалната мировна федерација.
Според Пендаровски, неспорно е дека со кандидатскиот стаус им се дава симболична поддршка на Украина и на Молдавија, во исклучително тежок период и тоа е добро, но, како што истакна, на Западниот Балкан не му е потребен политички симболизам, туку конкретна политичка одлука.
Базирајќи ги своите одлуки за Украина и за Молдавија врз геополитичкиот резон наместо врз традиционалната агенда на реформи и перформанси, според Пендаровски, Унијата започнала да наликува на НАТО.
-Ако ЕУ навистина има амбиции да биде геополитички играч мора прво да го заокружи и обезбеди својот европски геополитички простор преку интеграција на Западниот Балкан, рече Пендаровски.
Тој потенцираше дека динамиката на проширувањето на ЕУ и проширувањето не смее да зависи од кризи, како и дека актуелните случувања во Косово и процесите во Босна и Херцеговина се потсетување дека не смее да се занемарат отворените прашања и невралгичните точки што имаат потенцијал да го дестабилизраат нашиот регион, а преку него и самата Унија.
На конференцијата се предвидени обраќања и на поранешниот претседател Бранко Црвенковски, претседателот на Собранието Талат Џафери, како и министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Конференцијата во Скопје е дел од циклусот настани поврзани со мирот и безбедноста во Западен Балкан одржани во последните две години во соработка на Подгоричкиот клуб и Универзалната мировна федерација.