ПЕНДАРОВСКИ ЗА „ШПИГЕЛ“: НОВО ОДЛАГАЊЕ ЗА МАКЕДОНИЈА И АЛБАНИЈА ЌЕ ИМА НЕПОПРАВЛИВИ ПОСЛЕДИЦИ
Евентуалното повторно одложување напролет на одлуката за почеток на преговорите за членство на Македонија и Албанија во ЕУ би бил многу сериозен удар. Повторувањето на стратегиската грешка од октомври би можело да има многу длабоки, непредвидливи, а можеби и непоправливи последици, оценува претседателот Стево Пендаровски во интервју за германски „Шпигел“, пренесува ТВ24.
Пендаровски потсетува дека одложувањето на одлуката за старт на преговорите во октомври била голем шок за Северна Македонија, но и за многу други.
„Иако францускиот претседател Емануел Макрон кажа дека се потребни реформи на процесот на проширување на ЕУ, сите се надеваа дека нема да биде блокиран стартот на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Тоа беше големо разочарување за нашите граѓани, за нашата Влада и лично за мене. На крајот на краиштата ние ги направивме сите потребни реформи и договори, и најмногу од се направивме нешто што е уникатно во модерната светска историја – за да го решиме проблемот со Грција што не блокираше, го сменивме името на државата од Македонија во Северна Македонија“, изјави Пендаровски.