Песков: САД не ги разбираат Путин и нашиот стил на работа
Кремљ реагира на тврдењата на американското разузнавање дека рускиот претседател Владимир Путин од страна на неговите советници е доведен до заблуда за Украина и санкциите.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите во Москва изјави дека ниту американскиот Стејт департмент ниту Пентагон има реални информации за тоа што се случува.
„Тие, едноставно, не разбираат што се случува во Кремљ“, рече тој.
„Тие не го разбираат претседателот Путин, не разбираат како се носат одлуките и не го разбираат стилот на нашата работа“, изјави портпаролот.
Песков додаде дека тоа е загрижувачко бидејќи, како што рече, ваквото целосно недоразбирање води до погрешни одлуки, кои имаат лоши последици.
Претходно, американски функционер за Ен-би-си изјави дека поради неуспехот на руската армија во Украина, растат тензиите меѓу рускиот претседател Владимир Путин и воените команданти, односно Министерството за одбрана.
Рускиот претседател, според американскиот функционер, смета дека војската го измамила во извештаите за инвазијата на Украина.
Извор: Temite

